Мелони во ненадејна посета на Трамп

Италијанската премиерка Џорџа Мелони се сретна вчера во неофицијална, ненадејна посета со новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп во неговата резиденција Мар а Лаго на Флорида, соопшти нејзиниот кабинет.

На фотографиите кои кабинетот на десничарската премиерка ги објави се гледа како Мелони и Трамп позираат на влезот во Мар а Лаго и разговараат во собата за прием.

Кабинетот на Трамп не објави соопштение, ниту даде детали од посетата.

Фотографиите на двата конзервативни лидери денес се на насловните страници на сите италијански весници.

Иако не се објавени детали од средбата, италијанските медиуми пренесуваат дека Мелони планирала со Трамп да разговара за конфликтот во Украина, трговските прашања, Блискиот Исток и апсењето на италијанската новинарка Чечилија Сала во Иран.

Мелони е меѓу неколкуте странски лидери, вклучувајќи ги канадскиот и унгарскиот премиер Џастин Трудо и Виктор Орбан, кои беа во посета на Трамп, кој треба по втор пат да биде инаугуриран на 20 јануари.

Мелони, која е на чело на крајно десничарската партија Браќа на Италија, се сретна со Трамп непосредно пред посетата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден на Рим, каде се очекува да се сретне со премиерката и папата Франциско.

Пронајдете не на следниве мрежи: