Меџити потврди – Беким Сали предлог за прв вицепремиер, Мухамед Хоџа за нов министер за животна средина

Поранешниот прв вицепремиер, сега градоначалник на Чаир, Изет Меџити вчера потврди – Беким Сали ќе биде предлог на ВЛЕН за прв вицепремиер, Мухамед Хоџа за нов министер за животна средина. Останува да се дефинира со кое министерство ќе раководи Сали.
-Нема да има реконструкција, но ќе има главно пополнување на местата. Тие се финализираат. Она што е познато е дека Беким Сали ќе биде прв вицепремиер и треба деновиве да се дефинира кој друг ресор ќе го покрива. А министер за екологија ќе биде Мухамед Хоџа, изјави Меџити.
Деновиве  во јавноста струјат неколку имиња од Влен за ралични позиции во Владата, институциите, амбасадорска позиција. Освен Сали и Хоџа, се споменуваат Башким Бакиу како нов министер за здравство на местото на Азир Алиу, кој, пак, треба да ја преземе директорската позиција во Агенцијата за електронски комуникации, додека министерот за европски прашања Орхан Муртезани би заминал за амбасадор во Брисел.
Засега Меџити ги потврди Сали и Хоџа, а за тоа дали Бакиу ќе го замени Алиу рече дека за сите евентуално смени навремено ќе ја информираат јавноста.
Муртезани вчера не даде конкретен одговор дали ќе замине на амбасадорската позиција и рече дека во моментов се работи на модалитетите за пополнување на испразнетите позиции во Владата.
-Во рамки на коалицијата Влен се уште се разговара за модалитетите на реконструкцијата. Се уште нема финален договор како ќе изгледа реконстуркцијата, кој ќе замине, а кој ќе дојде на функцијата и дали некој ќе замине надвор од земјата. Во моментов можа да потврдам дека се работи на модалитетите и дека нема конкретно решение, рече Муртезани.
Според најавите до крајот на следната недела и пред конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, закажан за 6 декември, власта планира собраниска седница за испразнетите министерски места.
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати напоменува дека по локалните избори се пополнуваат испразнетите места, а не се прави реконструкција. Сепак по завршувањето на изборите тој нагласи дека се размислува за некои кадровски промени, кои ќе се градат паралелно со подготовките за партискиот конгрес.

Пронајдете не на следниве мрежи: