Уставниот суд на Хрватска (УСУД) одлучи дека претседателот на државата Зоран Милановиќ не може да се кандидира за премиер на листата на СДП сè додека ја извршува функцијата претседател
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во Загреб изјави дека претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ нема да биде премиер.
„Што се однесува до надлежните за спроведување на изборите, Државната изборна комисија и Уставниот суд, очекувам да се огласат. Идниот претседател на владата сигурно нема да биде тој, ние ќе го предложиме идниот мандатар, а според атмосферата што ја гледам во Хрватска, тој треба да бидам јас,
рече Пленковиќ одговарајќи на новинарско прашање по седницата на претседателството на Хрватската демократска заедница.
Коментирајќи ја изјавата на Милановиќ дека Колинда Грабар Китаровиќ присуствувала на собири организирани од ХДЗ за време на кампањата, Пленковиќ рече дека мисли дека тоа не е точно и оти не се сеќава на тоа.
На прашањето колку пари ќе потроши за кампањата, тој рече дека секогаш троши во законски рамки.
Уставниот суд на Хрватска (УСУД) одлучи дека претседателот на државата Зоран Милановиќ не може да се кандидира за премиер на листата на СДП сè додека ја извршува функцијата претседател.
„УСУД на седницата на 18 март ја разгледа изјавата на претседателот на државата Милановиќ дека на изборите ќе излезе како независен и непартиски кандидат на листата на СДП. УСУД ги разгледа изјавите дадени на неговата фејсбук-страница дека ќе остане кандидат за премиер без разлика дали ќе се најде на листата на СДП. УСУД е должен да ги предупреди сите органи што учествуваат во изборниот процес на непосредна одговорност за одлуките што ги носат. Одлуките мора да бидат во согласност со темелните вредности на државата“,
изјави претседателот на Уставниот суд Мирослав Шепаровиќ на прес-конференцијата по судската седница.
Тој додаде дека кандидатурата за претседател на државата и истакнувањето како кандидат за премиер е некомпатибилна со неговите уставни овластувања и принципот на поделба на власта.
И покрај одлуката на уставниот суд, Милановиќ не ја отфрли можноста да се кандидира за премиер.
„Неважно е што мислат, небитно е што мислат во Уставниот суд. Тие можат да донесат каква што сакаат одлука, јас ќе бидам во кампања и ќе бидам кандидат за премиер“,
изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ пред седницата на уставниот суд.