Минималната плата во Грција од 1 април ќе биде 880 евра

Од 1 април годинава, минималната плата во Грција ќе се покачи за 50 евра, односно од сегашните 830 евра ќе достигне 880 евра. Ова го објави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на почетокот на денешната седница на Владата, пренесе дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис нагласи дека ова е петто подигнување на минималната плата откако Нова демократија ја презеде власта во 2019 година, кога таа изнесуваше 650 евра. Тој додаде дека ова најново зголемување е уште еден чекор кон остварување на целта до 2027 година, кога завршува мандатот на Владата, минималната плата да биде 950 евра.

Тој понатаму објасни дека со ова покачување ќе се зголемат и низа други надоместоци, истакнувајќи дека вкупното бруто зголемување во однос на 2019 година достигнува 2.735 евра годишно. „Со други зборови, речиси пет нето плати од минатото, додека годишната нето-добивка на вработениот сега ќе се приближи речиси до дополнителна плата во однос на лани.”

Оваа мерка влијае на 570 илјади вработени во приватниот сектор, но, како што рече Мицотакис, „повлекува и 600 илјади вработени во јавниот сектор и секако се однесува и на оние кои примаат додатоци за породилно, брак, невработеност“.

Мицотакис подвлече дека оваа одлука ја позиционира Грција на 11-то место меѓу 22 европски земји кои имаат воведено минимална плата.

Извор: МИА

Пронајдете не на следниве мрежи: