– Министерот за одбрана Владо Мисајловски денес одржа говор на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата во седиштето на НАТО во Брисел, на кој присуствуваа министрите за одбрана на земјите-сојузнички.
Мисајловски, како што информира Министерството за одбрана, се фокусираше на целите, приоритетите и активностите што ги преземаат Владата, Министерството за одбрана и Армијата, согласно договореното на последниот самит на НАТО во Хаг, како и на единството на Алијансата, кое денес, како што рече, е повеќе од неопходно за зајакнување на концептот на одбрана и одговор.
„Дури и во време на геополитички промени, ако продолжиме да се фокусираме на она што толку енергично нè тераше со децении да се стремиме кон членство во НАТО – потребата од мир, безбедност, стабилност, како предуслов за просперитет, како Алијанса можеме да се соочиме со секој предизвик што ќе ни се појави“, рече министерот Мисајловски.
Тој нагласи дека нашата држава продолжува да го зголемува својот буџет за одбрана, и со тоа останува максимално посветена на подобрување на Армијата на Северна Македонија.
За модернизација, како што рече, оваа година се издвоени над 32,5 проценти од буџетот за одбрана, што е далеку од она што беше предвидено да биде во согласност со целите на НАТО, имено издвојувањето на 20 проценти од буџетот за одбрана за модернизација.
„Договорите што веќе се потпишани со неколку сојузнички земји се успешно завршени, но имаме и последователни договори, кои придонесуваат за модернизација и опремување на Армијата, за зајакнување на одбранбените капацитети, а со тоа и за зајакнување на колективната одбрана“, рече министерот.
Мисајловски нагласи дека паралелно се инвестира и во човечки капацитети, а „доказ за тоа е фактот што припадниците на лесната пешадиска баталјонска група се одлично подготвени за оценувањето на НАТО, кое ќе се одржи во април оваа година“.
Министерот додаде дека ќе продолжиме активно да учествуваме во мисиите и операциите предводени од НАТО и ЕУ, како во рамките на источното крило на Алијансата, така и во рамките на КФОР и АЛТЕА, сите со една цел – мир, стабилност, безбедност и просперитет за земјите и граѓаните.
За време на средбата, министерот Мисајловски даде силна поддршка за мировните напори на САД за воспоставување мир во Украина и на европскиот континент.
По средбата, министерот Мисајловски замина за Минхен, каде што ќе биде дел од северномакедонската делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, на претстојната безбедносна конференција, која ќе се одржи од 13 до 15 февруари.
The post Мисајловски во Брисел: Обединети во НАТО, можеме да се соочиме со секој предизвик appeared first on Во Центар.



