Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди поддршката за изградба на дата-центри во земјава, оценувајќи дека тие, заедно со вештачката интелигенција, се клучни за идниот технолошки развој.
Во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, Мицкоски рече дека поддржува дата-центри и ќе продолжи и понатаму затоа што тоа е иднината и целиот свет својот развој го гледа преку дата-центрите и вештачката интелигенција.
-Да, сум за дата-центри и ќе продолжам да бидам затоа што тоа е иднината. Затоа што денеска светот својот развој го гледа само во дата-центрите, вештачката интелигенција и нема да дозволам, прво како инженер, второ како професор, мојата земја и моите граѓани да бидат на опашката, наместо да имаат можност да бидат на челото на поворката која ќе промовира ваков тип на индустрија – потенцира премиерот.
Тој додаде дека токму заради тоа секоја можност која ќе се укаже за ваков тип на индустрија ќе биде зграпчена, како и тоа дека во моментов се работи на неколку такви инвестиции.
Во врска со противењето на опозицијата и нивните обиди да се повикаат на граѓаните, премиерот Мицкоски нагласи дека токму тие ја распродаваа земјата, како и тоа дека граѓаните не сакаат да се идентификуваат и не сакаат да имаат ништо со оваа опозиција.



