Ова е ставот на Стејт Департментот, на прашањето од Гласот на Америка, дали ќе разговараат со новите македонски власти откако во Вашингтон во јавните изјави премиерот Мицкоски користеше само Македонија.
„ Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во јужна и источна Европа. САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки. “, стои во одговорот од Стејт Департментот.
Од друга страна, грчкиот премиер Мицотакис кажа дека Мицкоски го користел целосното уставно име на затворените состаноци во рамки на НАТО самитот. Сепак вели дека ако и понатаму не се почитува „ерга омнес“, што е клучен елемент од Преспанскиот договор, најавува дека официјална Атина ќе преземе чекори, без да го открие конкретниот план. За овие прашања пред медиумите кажа дека ги известил лидерите на земјите-членки на НАТО.
„ Сакам да истакнам дека во просторијата, во присуство на сите лидери на НАТО, тој не ја следеше оваа тактика и го користеше уставното име на својата земја. Оттаму, мислам дека вака или онака, раководството на соседната земја ќе сфати дека таа тактика е целосно контрапродуктивна. Во секој случај, Грција во овој момент нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на евентуалната упорност на раководството на соседната земја во оваа тактика. “-Кирјакос Мицотакис – премиер на Грција
Иако на состаноците во рамки на НАТО самитот беа на иста маса, Мицкоски и Мицотакис според официјалните информации не оствариле ниту кратка средба за директно да разговараат околу македонско-грчките односи. Од друга страна македонскиот премиер на маргините на самитот се сретна со неговите колеги од соседството Бугарија и Албанија, премиерката на Естонија, претседателот на Чешка, како и потсекретарот за политички прашања од американскиот Стејт Департмент. Следна дестинација на владината делегација е Њујорк, кадешто е најавено дека премиерот Мицкоски и тројцата министри Муцунски, Мисајловски и Тошковски ќе се сретнат со македонските иселеници.