Кандидатот за претседател од ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски од Крива Паланка рече дека неговите противкандидати Пендаровски и Силјановска-Давкова избегнувале дебата зашто немале сила да се соочат со аргументите за развојот на државата. Тој упати порака и до кандидатот за претседател Бујар Османи велејќи – можеби фронтот ви е европски, ама однесувањето ви е балканско
Ова се срамни денови за македонската демократија каде претседателските кандидати, немаат сили да се соочат со аргументите на своите противкандидати. Ова во Крива Паланка го кажа кандидатот за претседател од ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски.
Тој рече дека неговите противкандидати Силјановска-Давкова и Пендаровски себеси се сметаат за фаворити на изборите, но тој смета дека се само продолжена рака на нивните партии и дека е очигледно дека немаат аргументација и доволно познавање на материјата за која треба да се разговара, а тоа е улогата на Претседателот во развојот на државата.
Според него ова е причината што двајцата избегнуваат дебата со противкандидатите.
„Она што јас имам да им порачам е дека вие можете да се скриете од дебатите, но од граѓаните на Република Македонија нема да се скриете. Тоа што госпоѓата Силјановска научила да ни кажува како лекции и кадешто
мора да ја слушаат членовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои буквално ги приведуваат на нивните митинзи, не дава за право да се смета дека е апсолутен фаворит. Напротив, сметам дека нејзините теоретски познавања треба
заеднички да ги соочиме и граѓаните да видат кој е кој во македонската политика односно кој разбира и внатрешна и надворешна политика, кој знае геополитика, геостратегија и така натаму“,рече Јакимовски.
Тој испрати порака и до кандидатот за претседател Бујар Османи.
„Многу често го слушам дека тој бил европски фронт итн. Господине Османи, можеби фронтот ви е европски, можеби замислата ви е европска, меѓутоа однесувањето ви е балканско, особено при практицирање на власта во Република Македонија. Се однесувате крајно балкански, неодговорно, играте фудбал по канцелариите, се тепате по канцелариите, голем дел од вашите функционери на несоодветен начин ја практицираат својата функција, што значи дека вашите европски заложби се само декларативни, а во практика ниту малку не придонесувате за развој на функционалното работење на администрацијата во Република Македонија“,
рече тој.
Стоејќи пред пазарчето во Крива Паланка, Јакимовски рече дека до пред само десетина години пазарот бил полн, а сега е празен зашто, според него, нема воопшто луѓе во градот.
„Народот се иселува дел од економски причини, но голем дел се иселуваат како резултат на тоа што нема систем во Република Македонија. Значи младите бараат да има систем, да функционира судско-обвинителскиот систем, да функционира државната администрација, да имаме функционален пазар на труд, да имаме функционална пазарна економија, да имаме развиени мали и средни претпријатија, но за сето тоа ни е потребно да имаме инвестиции“,
рече тој.
Според него во Македонија се потребни околу 50 милијарди евра инвестиции најмногу во разни форми на инфраструктура.
„Во Република Македонија се потребни инвестиции над 50 милијарди евра, инвестиции во инфраструктура, во железница, во сообраќај, во делот на индустријата, преработувачката индустрија, ни требаат инвестиции во делот на енергетиката, Вардарска долина да се направи 11 хидроцентрали на реката Вардар, да се направи браната Чебрен-Галиште. Во исто време од Вруток па до излегувањето на Вардар од Република Македонија да се направат пречистителни станици, за Вардарска долина да функционира мораме да имаме пречистителни станици. Исто така мораме да направиме комплетни урбанистички планови за сите излетнички места и за Попова Шапка, и за Галичица, Галичица мора да се спои со Охридското Езеро, Пелистер, Кожуф, цела Северна Грција може на Кожуф и да зимува и да летува, исто така и овде на Осоговските планини во близина на Крива Паланка“,
порача Јакимовски.