Од Министерството за образование и наука денеска во одговор на прашање на Инфомакс, велат дека за случајот со директорката која како наставничка е пријавена за тепање на дете во училиште ќе реагираат откако ќе заврши кривичната постапка. До тогаш истата ќе си биде директорка.
– Изборот на директор на училиште е надлежност на локалната самоуправа, со оглед дека училиштата се општински. Во конкретниот случај, според информациите со кои располагаме, има истражна постапка по поднесена пријава, така што МОН може да реагира по завршување на истата и утврдување на одговорност. Согласни сме дека директорите на училиштата треба да бидат лица со интегритет, велат од МОН.
Гордана Јоначиќ претходно беше избрана за В.Д директор на ОУ”Тодор Ангелевски” Битола. Јоначиќ е одделенски наставник во училиштето и доаѓа од редот на вработените.
Одлуката е скандалозна затоа што директорката има кривична пријава за малтретирање на дете, за што Инфомакс претходно детално пишуваше. Претходно, по замолница на родителите и од почит кон институцијата, не го објавивме ниту името на наставничката која сега е директорка, ниту името на училиштето.
6-годишно девојче е тепано и психофизички малтретирано во училиште во Битола, како што вели мајката на девојчето наставничката од целодневна настава го тепала детето и ја нарекувала глупача. Родителите реагирале кај директорот, во МОН, лично кај министерката Јаневска и премиерот Мицкоски, во Општината, просветниот инспекторат, но никој не преземал ништо додека случајот не бил пријавен во полиција, по што веднаш бил повикан јавен обвинител, објавивме претходно.



