Мукаетов: Сите да работиме со иста цел – за доброто на мак-ракометот

Првиот човек на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, имаше свое обраќање пред присутните на Редовното годишно собрание во македонскиот ракомет.
„Во текот на извештајниот период, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) уредно ги сервисираше сите репрезентации, забележани се вкупно 1590 одиграни натпревари од кои 996 натпревари во сениорски лиги и 594 во младинските категории. Притисокот и жедта за резултатски успех години наназад останува кога се работи за машките ракометни сениори. Оваа категорија по успешните квалификации обезбеди место на ЕП 2022 и го продолжи континуитетот на шесто учество по ред на континенталните собири.
Лично, не сум задоволен од 22. место и сметам дека можеме подобро. Нова енергија во моментов е ангажманот на селекторот Лазаров и во стручниот штаб се вклучени големи ракометни имиња кои го донесоа своето знаење и даваат голем придонес за македонскиот дрес. По баражот на натпреварите за СП 2023 каде успешно се минаа Романија и Чешка 12-та година по ред ќе играме на големо натпреварување. Околу квалификациите за ЕП 2024 во Германија, ги чекаат и настапите на Медитеранските игри во Алжир на кои ќе играат и нашите дами“.
„Околу настапот на женската селекција, и покрај шесте порази во Еврокупот на ЕХФ, може да се забелжи напредок. Сега нѐ чекаат настапи на Европското првенство на кое сме еден од домаќините. Постигнувањето во Клајпеда за кадетките донесе голем успех за женскиот македонски ракомет. Со настапите под водство на Савевски, кадетките беа нова надеж за женскиот ракомет. Но, ќе мора да имаме трпение, дисицплина и многу напорна работа. Истото важи и за сите други категории.
Македонските клубови продолжуваат со активно учество на ракометната сцена. Во машка конкуренција Вардар ја мина групата во Лигата на шампионите, а вториот македонски претставник, Еурофарм Пелистер, избори место меѓу најдобрите шеснаесет екипи.
Сакам да се заблагодарам на сите спонзори, на сите помагатели, на сите учесници во овој спорт. Само заедно може да одиме напред и се надевам дека сите ќе работиме со единствена цел. Претстои период полн со тешки предизвици во кој сите заеднички и посветено треба да работиме со една иста цел: развој и промовирање на македонскиот ракомет“, изјави Мукаетов.
Живко Мукаетов едногласно беше реизбран за претседател на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) во 2020 година, со нов четиригодишен мандат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.