Муцунски: Има позитивен импулс за изнаоѓање решение ЕУ процесот, ама не можеме да го претставиме пред јавноста

Владата во последните две години не престана да работи на изнаоѓање праведно и оджливо решение за деблокада на евроинтеграцискиот процес. Во постојанa комуникација е и со земјите-членки на Европската Унија, и со институциите на ЕУ, а одржува средби и со Бугарија. Има позитивен импулс за изнаоѓање решение, но нема решение што можеме да го претставиме пред јавноста. Разговорите е природно да се случуваат и ќе продолжат, но ние немаме намера да правиме отстапки што се поврзани со националниот интерес, историјата и идентитетот, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Тој е дециден дека протоколите (називот на записниците од разговорите) не се дел од преговарачката рамка, а во разговорите со сите три страни (земјите-членки на ЕУ, институциите на ЕУ и Бугарија), од македонската страна, нагласи, се пренесени ставовите за прашањата поврзани со ризиците од билатерализација.
– Едно е да ги почитувате преземените обврски, а друго е да користите билатерални аспекти за кочење врз основа на субјективни гледишта – пат на една земја кон полноправно членство. Тоа се две различни работи. Има билатерални обврски кои не се само од политичка природа, туку се и од економска и социјална природа и кои имаме обврска да ги почитуваме според правилата на меѓународното јавно право. Но, друго е прашањето кога некој го користи контекстот на билатерални договори за неправедно да блокира, напомена Муцунски, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Владата.
Министерот, како што рече, го споделува ставот со претседателката на државата – дека во содржината на преговарачката рамка нема ниту експлицитна, ниту имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени.
– Не е одредбата, ако прецизно се чита, поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени. И тука, од номотехничка гледна точка, е многу значајно правното толкување на тоа што е напишано. Ве уверувам, бидејќи ова што го зборувам повеќе пати сум го читал и од содржината на заклучоците на Советот, и од она што го има во преговарачката рамка. Се разликува тоа од она што го пишува во Протоколот 2, ако навлегуваме веќе во деталите. Тука има суштинска разлика. Но, не сме тука да дискутираме за такви детали, посочи Муцунски.
Уште еднаш напомена дека деблокадата на македонскиот процес поврзан со пристапувањето во ЕУ и потребата Македонија да ги почне пристапните преговори се од стратешко значење и за државата и за целиот регион и за ЕУ.
– Не би сакал да мислите дека нешто криеме. Ние имаме постојана комуникација и со земјите членки на Европската Унија, и со институциите на Европската Унија, а имаме средби и со Бугарија, за кои сте информирани – за сите средби на кои, меѓу другото, се зборува за изнаоѓање решение. Содржината на разговорите и деталите на тие разговори не ги претставуваме поединечно пред јавноста, бидејќи доколку деталите ги претставиме поединечно, тогаш би воделе преговори и разговори пред јавноста и тоа не би довело до никакво решение. Ние немаме алтернатива освен да бараме решение. Но, ја уверувам македонската јавност дека решението, кое и да биде, ќе биде во рамки на принципите и постулатите што Владата јавно ги има кажано и претставено. А дали работиме на решение? Секако. И не сме престанале да работиме на изнаоѓање праведно и одржливо решение во последните години. Јас мислам дека има позитивен импулс за изнаоѓање решение, но нема решение што можеме да го претставиме пред јавноста. И дури за нешто да не се согласат сите страни вклучени во кој било процес, тогаш имате само разговори. Во овој момент не би сакал да се претворам во рецензент на прашањето дали сме блиску или далеку од решение. Ќе повторам: немало момент во последните две години кога за ова прашање ние на некој начин не сме дискутирале со еден од триte чинители или стејкхолдери во овој процес, a тоа се претставниците на земјите-членки, европските институции и, секако, соседна Бугарија како земја со која го имаме билатералниот проблем, подвлече Муцунски.
Се осврна и на неодамна објавениот нон-пејпер.
– Во моментот тоа што се гледа, барем во последните месеци, е една хиперпродукција на повеќе нон-пејпери поврзани со темата за проширување. И тоа е така бидејќи очигледно е дека во рамки помеѓу земјите членки на европските институции, особено по француската иницијатива, тој германско-француски нон-пејпер, постои потреба да се направи некое редимензионирање на политиката за проширување, бидејќи така како што таа е поставена, се смета како застарен модел. Модел којшто бил соодветен за периодот од пред 15, 20, 25 години, но на којшто му се потребни модификации, а е сето тоа длабоко поврзано по настанувањето на, односно по руската агресија и инвазија врз Украина и гледањето на целокупната политика на проширување како една стратешка политика. Од таа гледна точка, многу земји членки сега, во различни формати, даваат свои за тоа како треба да се гради. Тоа што би можел да го кажам е дека во Брисел и помеѓу земјите членки, но и во европските институции, веќе има дебата. Ние нашиот импут го даваме, но ние не сме тие коишто одлучуваат во рамките. Ние сме, сепак, земја кандидат. Онаму каде што ќе бидеме викани, на наш начин ќе го дадеме нашето мислење. Ние и секако проактивно постапуваме со дел од земјите членки коишто се наши најголеми поддржувачи да дадеме свое мислење. Но, на крајот, нашето влијание е минимално, бидејќи не сме земја членка на ЕУ. Но, ако е прашањето за да бидам најконкретен: дали ги пренесуваме нашите ставови по однос на овие прашања коишто сметаме дека се значајни за тоа како ќе се движи процесот понатаму? Да, ги пренесуваме, рече министерот Муцунски.  

The post Муцунски: Има позитивен импулс за изнаоѓање решение ЕУ процесот, ама не можеме да го претставиме пред јавноста appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: