Денес се почесто се зборува за поимот екранизам и зависноста на децата од екрани уште од најрана возраст. Родителите често ги смируваат своите деца со мобилен телефон или некој друг екран кога се вознемирени или нервозни, или пак на родителот едноставно му е потребно време да направи нешто друго, а тоа притоа да не го вклучува детето.
Како што објаснуваат експертите, ваквата навика е многу штетна и има сериозни последици по здравјето на детето, како физички, така и ментално, пренесува „Very Well Family“.
Истражувањето спроведено на Универзитетот во Мичиген и објавено во списанието „JAMA Pediatrics“ проучувало повеќе од 400 родители и нивните деца на возраст од три до пет години. Истражувачите сакале да дознаат повеќе за тоа што се случило кога родителите користеле уреди како мобилни или таблети како средства за смирување на децата кога се нервозни или вознемирени.
Пронашле врска меѓу користењето на уреди за смирување на вознемирени деца и нивните способности за саморегулација. Со други зборови, децата кои добивале телефон кога станувале нервозни имале повеќе проблеми со соочување со вознемирувачки околности на постара возраст. Децата кои веќе претходно покажувале проблеми како хиперактивност, импулсивност или емоционални вештни на соочување биле посебно погодени кога родителите користеле екрани за да ги смират.
Како што објаснуваат психолозите, изливите на бес и големи емоции се вообичаени за деца на таа возраст и нивно смирување со давање на мобилен или некој друг екран можеби за родителот изгледа како едноставно, но и безболно решение. Меѓутоа, тоа не е случај. Токму на оваа возраст на децата треба да им се даде можност да се научат да се носат со своите емоционални предизвици за да ги развијат вештините кои им се потребни за правилен раст и развој.
„Доживувањето на негативни емоции како фрустрации, лутина и тага и закрепнување се вредни лекции кои децата треба да ги научат“, објаснува психологот Скот Рот. „Тоа ги подготвува за понатамошните предизвици и може да помогне во изградбата на нивната отпорност“.
Според истражувањето, ова е критичен период за децата да ги развијат овие вештини. Психолозите велат дека емоционалната регулација може да биде покритична за успех во училиште и да им овозможи на децата да останат смирени, сконцентрирани и флексибилни додека се соочуваат со нови предизвици. Со користењето на мобилен телефон или некоја друга дистракција се постигнува спротивен ефект.
Всушност, што повеќе искуство имаат децата во соочувањето со сопствените емоции, толку се подобри во тоа. „Успешното регулирање или намалување на количината на проблемите кои детето ги чувствува може да му помогнат да изгради доверба во сопствените способности“, вели д-р Рот.