Неапол вчера експлодираше откако Наполи и официјално го освои Скудетото до кое стигна пред Интер кој остана еден бод зад клубот под Везув.
Како што соопшти денеска полицијата, вечерта во кое имаше големо славје зад себе остави 98 повредени лица, најголемиот дел поради невнимателно ракување со пиротехнички средства. Меѓу повредените е и еден белгиски турист, кој бил прободен додека се возел со мотор низ центарот на градот, без како што велат медиумите посериозна причина.
Покрај тоа, полицијата пријави и десет случаи на кражби, а четири лица биле приведени.
Наполи до титулата стигна со победа од 2-0 против Каљари, благодарение на головите на Скот Мектоминеј и Ромелу Лукаку. Со оваа победа, „небесносините“ ја задржаа минималната бодовна предност пред Интер и така ја потврдија титулата.



