НАД 100 БОЛНИ ОД РАК ЧЕКААТ ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, ЗА ДА СЕ ОСЛОБОДИ МЕСТО ТРЕБА СИТЕ БОЛНИЦИ ДА ИМААТ КОВИД-ЦЕНТРИ, ВЕЛИ ЈАСМИН ЦИРИВИРИ, ДИРЕКТОР НА ХИРУРШКИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА

Потребна е итна внатрешна реорганизација на сите болници во земјава, со што тие треба да одвојат одреден процент од своите болничките кревети само за лекување на болни од коронавирус, а притоа да се остави простор и право за лекување на сите оние пациенти кои имаат потреба од медицинска помош, а не се зафатени од пандемијата, вели доцент д-р Јасмин Циривири, началник на хируршките одделенија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
Тој вели дека персоналот на болницата без никакво двоумење влезе во костец со ова заразно заболување, несебично и свесни за опасноста по сопственото здравје – и сѐ уште се спремни да одговараат на ваквиот предизвик. Тоа во март беше ургентно решение за да се растовари притисокот на Инфективната клиника и да се заштити Клиничкиот центар. Меѓутоа, по четири месеци, се гледа дека ваква организација не може да трае бесконечно, особено што ако се одложува реорганизација на системот тоа ќе има многу тешки последици за општото здравје и опасност да се зголеми бројот на смртни случаи од ненавремено лекување на други болести. Настрана што се уништува болница од огромно значење за јавно-здравствениот систем на државата.
„Апелираме дека новата реалност изнудува преструктурирање на сите здравствени организации за заеднички да го понесеме товарот за справување со вирусот“, вели д-р Циривири.
„Сакам да потенцирам на феноменот дека релативно секоја здравствена установа може да стекне вештини за справување со заболени од коронавирусот, а не секоја има знаење и капацитет за решавање на посложени и нетипични оперативни зафати. Токму во оваа дистинкција е медицинскиот потенцијал на ГОБ ‘8 Септември’, кој сега е недостапен за граѓаните“, вели д-р Јасмин Циривири (десно); – Со д-р Мите Николов, началник на Одделението за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување. (Фото: К. Попов)
Циривири смета дека внатрешна реорганизација, како што на самиот почеток на коронакризата беше замислена во „8 Септември“, може да се преземе како ефикасен модел и во сите останати болници ширум земјава за да се растовари концентрацијата на ковид-пациенти во една установа, како што е случајот сега. Ако има дисперзија на ковид-болните во повеќе болници, би се растеретил и ангажманот на персоналот, ќе нема потреба од ротации на кадарот и селење од болници во други градови, а можност за лекување ќе добијат и сите други кои не се болни од коронавирус.
Болницата „8 Септември“, која од почетокот на коронакризата беше претворена во ковид-центар во кој требаше да се примаат само оние ковид-болни кои имаат потреба од хируршка или друга интервенција, всушност, никогаш не заживеа во таа функција. Таа се претвори во тријажен центар и голема инфективна болница во која се лекуваат најтешките ковид-случаи, а на Инфективната клиника остануваат среднотешките или лесните случаи. Нагло почна да се зголемува бројот на пациенти кои се суспектни или заболени од ковид-19, поради што мораше да се ослободуваат кревети од стационарниот дел, особено за пациенти кои имаат потреба од интензивен третман. Целокупниот персонал во болницата, особено средномедицинскиот, е комплетно ангажиран во лекувањето на пациентите од ковид-19, а во болницата има само 3 инфектолози и 13 анестезиолози, од кои во моментов тројца се во изолација.
на 1 јули во Министерството за здравство праша: Зошто е одлучено полесните ковид-случаи да одат во Инфективна клиника, а тешките во „8 Септември“? Дали сега, кога се гледа дека „8 Септември“ нема организациски можности да ја исполни таа одлука, не треба итно да се промени одлуката и да се реорганизира системот?


Од Кабинетот на министерот Филипче ни ветија дека ќе одговорат на прашањата. До денеска одговор нема.
Болницата веќе четврти месец комплетно ги има прекинато сите специјалистички прегледи и лекувања што вообичаено се изведуваат тука, па така листата на чекање само се зголемува и не ѝ се гледа крајот. Д-р Циривири вели дека таквата организациска поставеност на болницата го ускратува правото на сите останати пациенти коишто имаат други заболувања да бидат правовремено лекувани и иследувани.
1.500 НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОРТОПЕДСКИ ОПЕРАЦИИ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, СЕ ОПЕРИРААТ САМО КОВИД ПОЗИТИВНИ
„Сакам да потенцирам на феноменот дека релативно секоја здравствена установа може да стекне вештини за справување со заболени од коронавирусот, а не секоја има знаење и капацитет за решавање на посложени и нетипични оперативни зафати. Токму во оваа дистинкција е медицинскиот потенцијал на ГОБ ‘8 Септември’, кој сега е недостапен за граѓаните“, вели д-р Циривири.
Како во светот, така и кај нас не може да се предвиди крајот на епидемијата, а со тоа се поставува прашањето дали болница со ваков капацитет треба целокупниот свој ангажман да го користи за лекувањето само на пациенти заболени од ковид-19, вели тој.
„Новата реалност со коронавирусот бара реорганизација на сите јавни здравствени установи кои за потребите за лекување на овие пациенти, треба да одвојат одреден процент од сопствените болнички кревети. Во тој контекст, максимална оптимизација на нашата установа, потенцијално може да се оствари со пренамена на Инфективното одделение и првиот спрат од хируршките одделенија. Така ќе оспособиме цел ковид-оддел со околу 40-тина кревети кои би овозможиле дијагностика и третман на пациентите заразени, или суспектни на коронавирус, без физички контакт со другите одделенија во болницата. Така би ја намалиле бројката на пациенти заболени од ковид-19 во ‘8 Септември’ , но многу важно – установата ќе продолжи со работа адекватна на нејзината организациска поставеност и медицински капацитет. И што е најважно, со оптимизирањето на бројот на заболени од ковид-19 во ‘8 Септември’“ драстично ќе се зголеми ефективноста при нивното третирање и ќе се анулира потребата од допонителен медицински персонал од други установи“, вели д-р Циривири.
Тој истакнува дека на хируршките одделенија е огромна листата на пациенти кои имаат потреба од некои хируршки интервенции кои беа одложувани овие месеци, а некои од овие интервенции, особено на малигни заболувања, веќе не се во состојба за одложување. Исто така, има и голем број дијагностички и интервентни процедури кои се работат во болницата, а во моментот се стопирани поради опасноста од ширење на инфекцијата кај овие пациенти кај кои со сигурност би имало смртен исход ако се разболат од коронавирус. Објектот не е дизајниран за инфективна болница и не може, како што некој мисли однадвор, туку така да се изолира чист од нечист дел.
Пред коронакризата, „8 Септември“ работеше со капацитет од 4.000 операции годишно, а некои од нив, особено ортопедските, се изведуваат исклучиво во оваа болница. Само на одделението за ортопедија месечно се закажуваат околу 120 операции.
НЕ ЖРТВУВАЈТЕ JA БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ САМО ЗА КОВИД, ГИ ЛИШУВАТЕ ПАЦИЕНТИТЕ ОД ОДЛИЧНИ ДОКТОРИ, ВЕЛИ ПОРАНЕШНИОТ ДИРЕКТОР САШО СТОЈЧЕВ
„Овие бројки се актуелни земајќи предвид намален број на анестезиолози во континуитет и со редуцирање на оперативниот програм. Од ова, 30% се малигни заболувања. Над 3.000 мамографии и 3.000 ехо на дојка. Битно е да се напомене дека на годишно ниво во ‘8 Септември’ се прават и 700 кор биопсии на дојка и 120 магнетни резонанси на дојка, дијагностички процедури ексклузивни за нашата болница. Додека пак, на Отсекот за интервентна радиологија се изведуваат многубројни васкуларни и неваскуларни, пред сѐ онколошки методи како што се: хемоемболизации, биопсии, венски портови, радиофрекфентна и микробранова аблација на тумори на црн дроб и бели дробови – процедури кои исто така се изведуваат единствено во оваа установа“, вели д-р Циривири и истакнува:


„Карактеристично за овие процедури е дека ги нема ниту во приватниот сектор. Во моментов, постои голем застој за ваквите видови процедури кај пациентите со малигни заболувања бидејќи, едноставно, тие нема каде да бидат хоспитализирани. За овие интервенции имаме листа на повеќе од 100 пациенти. За да не проградира болеста, од исклучителна важност е нивното навремено третирање. Исто така, би набројал и огромен број на интернистички интервенти процедури, невролошки, офталмолшки, како и од останатите специјалности, кои во моментот не може да се изведат во нашата установа оти е целосно контаминирана“, вели д-р Циривири.
ДОДЕКА НЕ СЕ ОТВОРИ „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗА РЕДОВНА РАБОТА, ПАЦИЕНТИТЕ СЕ ПРЕПРАЌААТ ОД БОЛНИЦА ВО БОЛНИЦА, ИЛИ ПЛАЌААТ ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА ЗА ОПЕРАЦИИ НА ПРИВАТНО
Станува збор за преоптовареност и истоштеност на здравствените работници што работат со овие пациенти, што изминатава недела излезе и во јавноста како кавга меѓу стручниот кадар од „8 Септември“ и Инфективната клиника, зошто најтешките случаи се препраќаат во болница од секундарно здравство наместо да се лекуваат таму каде што има најдобри услови и повеќе специјалисти од областа на инфектологијата и интензивното лекување. Тоа беа одгласите од состанок што се одржал на 30 јуни, кој бил инициран околу разликите во лекувањето на коронавирусот и големата смртност. На состанокот, покрај министерот за здравство Венко Филипче учествувале двајца анестезиолози од „8 Септември“, директорката на Инфективната клиника и лекари од КАРИЛ. Директорот на „8 Септември“ д-р Кристијан Костов тогаш ни рече дека не може да коментира што се случувало на тој состанок, бидејќи тој не присуствувал.
Според вчерашната статистика на Министерството за здравство, во моментов во „8 Септември“ се хоспитализирани 130 ковид пациенти, а на респираторна машина се 9.
На Инфективната клиника вчера имаше 89 хоспитализирани, од кои ниту еден на респираторна машина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.