Народен правобранител: Криминалци без психичка болест завршувале во психијатриска установа наместо во затвор

Тимот на Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител при контрола во психијатриската болница „Демир Хисар“ во декември 2025 година затекнал околу 20 осудени лица кои, според утврденото, не страдаат од психички заболувања, туку се здрави и пресметливи лица упатени на лекување наместо на издржување затворска казна.

Заменичката народен правобранител Соња Трифуновска денеска изјави дека постојат сериозни сомнежи оти дел од овие лица, преку спорни психијатриски вештачења и наоди за наводна непресметливост, успеале да избегнат затвор и наместо тоа биле сместени во Форензичкото одделение на болницата.

Поради овие сомнежи, Националниот превентивен механизам се обратил и до Комората на вештаци со барање да се испита дали при изготвувањето на судско-психијатриските вештачења биле почитувани професионалните и етичките стандарди.

Според Трифуновска, ваквата состојба создала сериозни проблеми во функционирањето на установата. Наместо да се посветат на лекување на лицата со тешки психијатриски нарушувања, здравствените работници биле принудени да се справуваат со лица со изразен криминален профил.

Во извештајот се наведува дека овие лица малтретирале и заплашувале пациенти, создавале чувство на несигурност во установата, а биле регистрирани и повеќе бегства. Бидејќи „Демир Хисар“ е здравствена, а не казнено-поправна установа, во неа нема затворска полиција ниту посебни безбедносни механизми за контрола на осудени лица.

Дополнителен проблем претставува фактот што медицинскиот персонал не е обучен за обезбедување и надзор на лица со криминално однесување, туку за третман и рехабилитација на пациенти. Поради тоа, дел од вработените биле изложени на закани, притисоци и сериозен професионален стрес.

Трифуновска посочи дека целта на посетата на НПМ била токму проверка на состојбата во Форензичкото одделение, откако до Народниот правобранител пристигнале информации за сомнителни случаи поврзани со психијатриски вештачења.

Таа предупреди дека ваквите практики директно го нарушуваат принципот на еднаквост пред законот и ја поткопуваат довербата во правосудниот систем. Доколку навистина се потврди дека лица избегнувале затвор преку лажни или спорни наоди за психичка состојба, тогаш станува збор за сериозен удар врз правичноста на казнената политика.

Според неа, најголемата цена ја плаќаат вистинските пациенти. Времето, ресурсите и вниманието на медицинскиот персонал се трошат на лица кои не се реални психијатриски пациенти, додека граѓаните со сериозни ментални нарушувања добиваат помалку грижа, подолги листи на чекање и полоши услови за лекување.

Дополнително загрижува и состојбата со управувањето на болницата. Од 2024 година до моментот на контролата биле сменети четворица директори, што дополнително придонело за нестабилност во работењето на установата и отежнато справување со наталожените проблеми.

Пронајдете не на следниве мрежи: