Третиот ден од фестивалот Литера носи исполнета и разновидна програма која ќе внесе инспирација кај децата и возрасните преку креативни активности. Акцентот ќе биде на работилници и промоции кои го слават креативниот израз и моќта на сликовниците како медиум. На последниот ден од фестивалот, специјален гостин ќе биде Урмас Реинма од Естонија, кој ќе ја претстави својата сликовница „Каде го најде?“. Реинма е писател и копирајтер, кој своите почетоци ги бележи во 90-тите години кога студирал естонски јазик и литература. Потоа работел како слободен преведувач, театрален критичар и уредник за културни вести. Неговата сликовница „Каде го најде?“ беше вброена меѓу петте најпрекрасни сликовници во Естонија за 2020 година. За време на утрешниот ден од фестивалот, Урмас Реинма ќе одржи и работилница за деца. Сликовницата што ја презентира Урмас Реинма е уникатна и ги поттикнува децата да размислуваат за изгубени и пронајдени предмети, но исто така промовира и дискусии за несебичност, љубезност и грижа за други, дури и кога станува збор за непознати лица, соопштуваат организаторите на Литера. Тимот на фестивалот е почестен и задоволен што го има овој автор и неговата приказна на фестивалот во Сули Ан.
Исто така, во текот на денот ќе се одржат и работилници за илустрации со Софија Семенпеева, што ќе им дозволи на учесниците да го откријат светот на визуелната приказна и да создаваат висококвалитетни илустрации. Најмладите кои уживаат во едукативни содржини, ќе имаат можност да учествуваат во работилници со штедливото слонче Халки, кои преку игра и интеракција развиваат креативност кај децата. Овие работилници се подржани од долгогодишниот партнер на фестивалот, Халкбанк. Во вечерните часови ќе биде промовирана сликовницата „Црното маче“ од авторот Неше Рамовиќ и илустраторката Наталија Лукомска, издадена од „Светулка“ и промовирана од Сребра Ѓорѓиевска. Посетителите ќе можат да ги разгледаат и двете изложби што се дел од Литера – ретроспективата на Орде Манески и делата на современите македонски авторки Софија Семенпеева, Иванка НиБа и Анастасија Јованова. Тимот на фестивалот истакнува дека Литера и понатаму ја остварува својата мисија како врска меѓу уметноста, литературата и децата, поттикнувајќи ги на имагинација, читање и создавање.
The post Настап на Урмас Реинма на Фестивалот „Литера“ appeared first on 365.mk.