Принцес крофните се еден од најчесто приготвуваните рецепти во македонските домаќинства. Еве како да ги направите највкусните принцес крофни од кои сите ќе посакаат уште една повеќе.
Потребни состојки: 4 филџани вода; 2 филџани масло; 4 филџани брашно; 1 прашок за пециво и 8-9 јајца.
Подготовка: Рерната се загрева на 200°C. Потоа водата и маслото ставете ги заедно да зовријат во длабок сад. Откако ќе зовријат, тргнете ги од огнот, па додајте ги брашното и пецивото. Целата смеса се меша заедно и се остава убаво да се олади. Во изладената смеса, додавајте ги јајцата и потоа матете со миксер.
На два големи плеха ставете хартија за печење и премачкајте ја со масло. Со мала лажица формирајте топчиња и распределете ги на плеховите. Печете 20 минути на 200°C со вклучен вентилатор, а потоа уште 4-5 минути на 150°C. Многу е важно при печењето ниту еднаш да не ја отворате рерната.
Состојки за филот: 125 гр. маргарин; 3 пудинзи ванила; 7 лажици шеќер; 1,5 литар млеко; 3 пакетчиња ванилин шеќер; 8 лажици густин.
Подготовка на филот: Издвојте 18 лажици ладно млеко во сад и додајте ги трите пудинзи, шеќерот и густинот. Потоа мешајте со лажица. Млекото што ќе ви остане ставете го на оган да зоврие. Откако ќе зоврие, ги додавате маргаринот и ванилиниот шеќер.
Тргнете го од оган и додадете ја смесата со пудинзите. Со постојано мешање се враќа на оган уште 1-2 минути. Треба да го оставите и да почекате добро да се олади. Испечените крофни пресечете ги на половина и внатрешноста исполнете ја со филот.