НАЈМАЛКУ ВАКЦИНИРАНИ ИМА ВО ГОСТИВАР, А НАЈМНОГУ ВО НЕГОТИНО, ПРОЦЕНТОТ НА ВАКЦИНАЦИЈА СО ПРВА ДОЗА НАД 18 ГОДИНИ Е 46.9

Со една доза на вакцина против ковид-19 во земјава се вакцинирани 46,9 отсто од населението над 18 години, заклучно со 26 септември, стои во извештајот на Министерството за здравство.
Кај лицата над 40 години опфатот со една доза изнесува 55 отсто, а кај лицата помеѓу 18-39 години опфатот со една доза на вакцина е помал, т. е 31%.
Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во градовите Охрид (63,9%), Кавадарци( 64,3%), Гевгелија(61,4%) и Неготино (65,1%).
Помеѓу 50-60 отсто опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Демир Хисар, Ресен, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово, Штип и Пробиштип.
Помеѓу 40-50% опфат на вакцнинирани граѓани има во градовите Кичево, Св.Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, М.Брод, Скопје и Тетово.
Помеѓу 30-40 отсто, односно најмалку вакцинирани во моментов има во Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш.
Во Македонија вчера започна вакцинацијата со трета доза против ковид-19. Според Националниот комитет за имунизација, трета доза се препорачува за сите граѓани над 60 години, здравствените работници и лица со имунолошки болести без разлика на возраста.
Третата доза ќе се дава од производителот „Фајзер“, без разлика со која вакцина претходно граѓаните се вакцинирале. Препораката важи и за граѓани кои прележале ковид-19, се вакцинирале, а спаѓаат во наведените категории.


Третата доза треба да се прими најмалку после 6 месеци од втората доза. Граѓаните ќе добијат порака преку „Мој термин“ дека може да се јават за вакцина.
„Граѓаните над 60 години согласно временскиот период после примената втора доза на вакцина ќе добијат порака да се вакцинираат. Таа порака ќе биде само потсетување во смисла дека нема посебен термин или пункт, може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата ‘Борис Трајковски’, во сите други поликлиники тука во Скопје и низ државата. Здравствените работници ќе се вакцинираат во рамки на здравствената организација, а лицата со имунокомпромитирачки проблеми, со потврда од лекар, може да се упатат на кој били пункт“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.