Словенечките археолози пронајдоа 125 антички римски гробови на градилиштето за туристичкиот и трговски центар „Емоника“ во близина на центарот на Љубљана, соопшти денес Градскиот музеј на Љубљана.
Повеќето од наодите се кремирани остатоци со бројни погребни додатоци, како што се маслени ламби, накит и керамички садови, и како што е наведено, анализата на овие предмети ќе даде нов увид во животот и смртта во Емона, пренесува СТА.
Северните гробишта на Емона се протегаат по должината на поранешниот главен северен влез во поранешниот град, а до денес на ова подрачје се документирани приближно 4.000 гробови, што сведочи за животот, општествената структура и погребните обичаи на жителите на Емона, која се наоѓала на подрачјето на денешна Љубљана.
Северните гробишта се протегале од денешниот Конгресен плоштад, покрај централната железничка станица кон општина Бежиград, па сè до саемот „Господарско разтавиште“, а Музејот објави дека тековните истражувања се продолжение на обемното истражување на северните гробишта во Емона.
Музејот додаде дека археолозите наскоро ќе се вратат на раскрсницата на улиците Словенска и Масарикова, каде што градежните работници ќе градат нов колектор, бидејќи најголемиот дел од северните гробишта на Емона се наоѓа во таа област, па се очекува таму да бидат откриени повеќе антички гробови.
The post На градилиште во Љубљана пронајдени се повеќе од 100 антички римски гробови appeared first on Во Центар.



