На денови пред парадата! Украински дронови ги парализираа руските аеродроми

Руските власти во текот на ноќта беа принудени да затворат десетина аеродроми на неколку часа по втората ноќ на украински напади со беспилотни летала. Руските новински агенции ја цитрираа Федералната агенција за воздушен сообраќај која ги ограничи летовите на четири московски аеродроми, како и во Нижни Новгород, Волгоград и на други места.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека вкупно 19 дронови биле соборени над градот во текот на ноќта, но дека „нема штета или жртви“ во нападот. Пријавено е дека десетици други дронови се соборени во други региони низ земјата, вклучувајќи ги Курск, Воронеж, Пена и други.

Целосните размери на нападот засега се непознати, а официјален Киев сè уште не дал коментар во врска со тоа. Украина ги засили нападите врз инфраструктурата за која вели дека е клучна за тековната агресорска војна на Москва – започната на 24 февруари 2022 година – а синоќешниот напад е потсетник за граѓаните на главниот град дека тековната војна на Кремљ не е толку далеку како што изгледа.

Нападите се случуваат само неколку дена пред големата воена парада во главниот град по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, која Русија ја слави на 9 мај. На парадата ќе присуствуваат неколку руски сојузници, а ќе зборува и рускиот претседател Владимир Путин, кој минатата недела прогласи еднострано тридневно примирје во војната против Украина помеѓу 8 и 10 мај поради прославата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли предлогот на Путин, инсистирајќи на 30-дневен безусловен прекин на огнот, кој беше предложен од САД. „Русите бараат примирје на 9 мај, но тие самите пукаат на Украина секој ден“, напиша Зеленски на социјалните мрежи во неделата. „Ова е цинизам од највисок ред.“ Путин го отфрли американскиот план.

Пронајдете не на следниве мрежи: