На Македонија не ѝ се потребни избори, вели Зоран Заев

На Македонија не ѝ се потребни избори, избори ќе има само доколку се неопходни, вели премиерот Зоран Заев во интервју за сервисот на грчки јазик на „Еуроњуз” и додава дека се во тек консултации со пратениците. Како што јавува дописничката на МИА од Атина, македонскиот премиер истакнува дека само доколку не успеат сите можни начини за постигнување на двотретинско мнозинство во Собранието, само тогаш земјата ќе оди на избори, а паралелно ги повика пратениците да го сторат она што е нивна должност кон државата.
– На Македонија не и се потребни избори. Македонија сега е на правилен пат. Ќе отвориме едно поглавје во јуни. Ќе имаме наше место на масата на разговори во Брисел и во НАТО со почеток на ратификацијата на протоколот во парламентите на 29 држави членки на НАТО. Од економски аспект, Македонија се наоѓа во одлична ситуација и нема потреба да одиме на избори, Освен ако не е потребно. А секако, ако распишеме избори очигледната цел ќе биде 2/3 односно 80 пратеници, вели Заев и објаснува дека, според анализите, во случај на избори владата ќе добие мнозинство.
Македонскиот премиер истакна дека тоа што сега е потребно е политичарите и пратениците да ја чујат испратената порака на оние 91 насто од гласачите кои гласаа “ЗА” и кажаа во која насока сакаат да се движи земјата.
– Пораките од комесарот Хан и целата европска заедница се јасен поттик кон пратениците да го завршат тоа што беше започнато и очекуваме тоа да се случи. На тоа се фокусираме, бидејќи сум убеден дека и опозицијата го поддржува патот кон Европската унија и НАТО. Немам никаков сомнеж за ова. Она што треба да се случи е да запрат политичките пресметки за да го завршиме овој процес за нашата земја. Денови се во прашање. Се прават консултации, јас разговарам, пратениците разговараат меѓу себе, раководството на владејачката партија, но и на партиите што се во владата од албанскиот блок, разговараме со пратеници и веруваме дека е можно и ќе направиме сѐ за да успееме, објаснува македонскиот премиер во кусото интервју за „Еуроњуз”.
Премиерот Заев вели дека разменил пораки со „премиерот и пријател Алексис Ципрас”, кој го поздравил референдумот со повеќе од 90 насто гласови “ЗА”.
– Има доволно време, но сите се согласуваме дека колку побргу се имплементира договорот, толку подобро ќе биде за двете земји, бидејќи самиот договор нуди многу придобивки. Министерствата за надворешни работи на двете земји се во континуирана комуникација, како и нашите влади и сите се фокусираме на следната фаза што е имплементација на договорот во собранието, вели Заев.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.