Здравствените власти го вклучија алармот, бројките во моментов достигнаа 1.994 активни заразени лица. Најкритично е во Тетово каде во Општата болница и модуларната се хоспитализирани 45 пациенти, а во целата држава 150 пациенти. Министерот за здравство Венко Филипче и покрај реакциите на дел од епидемиолозите дека мерките се задоцнети, сепак смета дека тие се навреме донесени, бидејќи болниците веќе се подготвени за прием на пациенти
-Од 16 август за било каков настан од типот на прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани приложувањето и поседувањето на потврда за извршена имунизација се однесува на лица над 18-годишна возраст. За одење на работа, посета на молови и трговски центри, големи маркети засега нема да се бара да сте вакцинирани – појасни вчера министерот Филипче.
Македонија влегува во четврти корона бран, како причина е актуелната состојба и зголемениот број на случаи со ковид-19 во земјава чија бројка во моментов достигна 1.994 активни заразени. Токму заради ова, здравствените власти го вклучија алармот, иако голем број од епидемиолозите во земјава многу порано предупредуваа да се засилат мерките, а сега посочија дека тие се задоцнети. Покрај големиот број на свадби, семејните забави и летните одмори, патувањата во странство го интензивираа ширењето на вирусот меѓу населението.
Најкритично е во Тетово каде во Општата болница и модуларната се хоспитализирани 45 пациенти. Министерот за здравство Венко Филипче, пак, смета дека мерките не се задоцнети, навреме се преземени и болниците се веќе подготвени за прием на пациенти. Според него, во целата држава во моментов се хоспитализирани 150 лица, од кои под десет отсто е бројот на оние што примиле две дози на вакцина.

Токму затоа тој повторно апелираше за масовна вакцинација посочувајќи дека имаме доволно 400 илјади вакцини.
Освен во Тетово, бројот на новодијагностицирани пациенти е многу висок и во Скопје и во Гостивар, но и во уште неколку градови во државата – Куманово, Кичево, Кавадарци, Струмица, меѓутоа во овие градови нема притисок во болниците.
Токму овие загрижувачки состојби вклучија црвено светло кај Комисијата за заразни болести, која и препорача на Владата да донесе нови поостри мерки. Владата во саботата навечер одлучи да ги зајакне контроли на постоечките антиковид мерки, како и целосна забрана на секаков тип настани и работа на угостителски објекти на затворено од 16 август.
Од 16 август ќе се бара задолжителна потврда за вакцина
Филипче појасни дека од 16 август ќе се бара задолжителна потврда за примена вакцина, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни.
ЗА БИЛО КАКОВ НАСТАН ОД ТИПОТ НА ПРОСЛАВА, КОНЦЕРТ, СЕМИНАР, ОБУКА, РАБОТИЛНИЦА, КОНФЕРЕНЦИЈА, КУЛТУРНИ ИЛИ СПОРТСКИ НАСТАНИ ПРИЛОЖУВАЊЕТО И ПОСЕДУВАЊЕТО НА ПОТВРДА ЗА ИЗВРШЕНА ИМУНИЗАЦИЈА СЕ ОДНЕСУВА НА ЛИЦА НАД 18-ГОДИШНА ВОЗРАСТ – ИЗЈАВИ ВЧЕРА МИНИСТЕРОТ.
За да не се злоупотребуваат сертификатите ќе има контрола која ќе биде организирана од посебна редарска служба.
-ЗАСЕГА ЗА ВЛЕЗ ВО ГОЛЕМИТЕ МАРКЕТИ, МОЛОВИТЕ, ФИРМИТЕ СО НАД 30 ВРАБОТЕНИ И УЧИЛИШТАТА НЕМА ДА СЕ БАРА ВАКЦИНАЛЕН СЕРТИФИКАТ – ПОСОЧИ ФИЛИПЧЕ И ДОДАДЕ ДЕКА ДОСЕГА ОКОЛУ 60 ОТСТО ОД НАСТАВНИЧКИОТ КАДАР Е ИМУНИЗИРАН.
Со владината Одлуката до 15 август сите угостителски објекти регистрирани за прослави смеат да работат на затворено, само со почитување на актуелните мерки, со исполнетост до 40 отсто од капацитетот и најмногу 250 гости, согласно постојните протоколи кои се во сила. Но, за ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50 отсто од капацитетот на просторот и ограничен број посетители до најмногу 1.000 посетители.
Владата ги задолжи надлежните инспекциски служби во претстојниот период да ги интензивираат контролите со цел стриктна примена и почитување на превентивните препораки.
Потребно е вакцинирање со две дози, прележаните со ковид-19 немаат доволно имунитет
Вакцинација е неопходна, бидејќи само со неа може да се спречи пандемијата и ризиците од тешко заболување кај пациентите. Министерот Филипче објасни дека со прележување на ковид не може да се стекне доволен имунитет, затоа препорачува и оние што ја прележаа болеста да се имунизираат со две дози на вакцина, од било која вакцина. Според него во моментов има доволно вакцини околу 400.000 дози, затоа повторно апелираше на масовна вакцинација, и само така ќе може да се спречи ширењето на коронавирусот и спречување на тешка клиничка слика во овој нов бран.
-ВАКЦИНАТА Е ЕДИНСТВЕН ИНСТРУМЕНТ ДЕКА НИЕ МОЖЕМЕ ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ПАНДЕМИЈАТА, ОТИ ЕВИДЕНТНО Е ДЕКА БОЛЕСТА ПОБРЗО СЕ ШИРИ КАЈ НЕВАКЦИНИРАНИТЕ. ВО ЕСЕНСКИТЕ МЕСЕЦИ ОЧЕКУВАМЕ РИЗИК-ФАКТОРИТЕ ДА СЕ ЗГОЛЕМАТ, ЗАТОА ШТО ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ ЌЕ СЕ ВРАТАТ НА РАБОТА, КАЖА ФИЛИПЧЕ.\

Министерот појасни дека од околу 400 илјади вакцини половина од нив 200 илјади се на Синовак, 50 илјади АстраЗенека и 70 илјади Фајзер.
-ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ, ДА ЖИВЕЕМЕ НОРМАЛНО, А ТОА МОЖЕ ДОКОЛКУ СМЕ МАКСИМАЛНО ИМУНИЗИРАНИ, И ТОА Е ЕДИНСТВЕНИОТ НАЧИН ДА СЕ СТЕКНЕ КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ – ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО И ПОЈАСНУВА ДЕКА ВАКЦИНАТА Е ЕФИКАСНА ЗА СИТЕ СОЕВИ НА ВИРУСИТЕ. НЕШТО ПОМАЛКУ ЗА ДЕЛТА СОЈОТ, БИДЕЈЌИ Е РАЗВИВАНА ЗА АЛФА СОЈОТ, МЕЃУТОА, СОСЕМ ДОВОЛНО, 70-80 ПРОЦЕНТИ ДА ЗАШТИТИ ОД БОЛЕСТ И ТОА ШТО Е НАЈВАЖНО, БЕЗ РАЗЛИКА КОЈА ВАКЦИНА, ЗА 20 ПАТИ ГО НАМАЛУВА РИЗИКОТ ОД СМРТ ОД КОВИД-19.
Во државата вкупно се аплицирани 958.742 дози вакцини, а ревакцинирани се 425.356 граѓани. Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 65 отсто од населението над 70 години, 62 отсто од лицата над 65 години, 58 отсто од оние над 60 години и 48 отсто од граѓаните над 50 години.
ИЈЗ: Околу 90 отсто од новите случаи се невакцинирани граѓани
Анализите кои беа изработени изминативе денови од Институтот за јавно здравје укажуваат дека вирусот пред сè се шири кај невакцинираните, при што над 90 отсто од новите случаи се невакцинирани граѓани. Од друга страна опфатот со вакцинација е под 20 проценти во Тетово. Како кластери каде најбрзо се шири вирусот се свадби и прослави на затворено, кои ги има многу во овој регион.
Од анализата на ИЈЗ за изминатиов период, како што потенцираа, од оние кои биле целосно вакцинирани само 11 пациенти досега се хоспитализирани и само 167 од преку 400.000 вакцинирани граѓани се инфицирале.
Според податоците за бројот на вакцинирани во државава, на вакциналните пунктови и на терен, заклучно со вчера вакцина примиле севкупно 533.386 граѓани.
Итен состанок на Филипче со директорите на клиниките
Вонреден состанок одржа министерот за здравство Венко Филипче со директорите на клиниките.
-Утрово имав координација со директорите на клиниките во Скопје, директорот на КБ Тетово и Институтот за белодробни заболувања Козле. Навремено ги поставуваме здравствените ресурси и разговаравме за предизвиците со кои може да се соочиме со новиот бран – информира министерот Филипче на својот ФБ-профил.
Според него системот е организиран, болниците ги подготвуваме за сите можни сценарија, лекување на ковид пациенти, но истовремено да продолжи да тече редовниот програм за итните случаи и пациенти со малигни заболувања како и ротации на персоналот.
-Во болниците се чувствува притисок за хоспитализации, критични се неколку градови, затоа здравствениот систем секојдневно го менаџираме – вели Филипче.
Даниловски: На крајот на август лесно може бројот на новозаразени на дневна основа да надмине 1.600 случаи
Во изминативе неколку дена евидентно расте бројот на новозаразени во Македонија, а истовремено, иако со поспоро темпо, се зголемува и бројот на пациентите на кои им е потребно болничко лекување. Според професор д-р Драган Даниловски, коронавирусот во моментов е посветен на негова лична борба за опстанок и теренот за ширење го наоѓа онаму каде што постои „небранет“ простор, а тоа е првенствено меѓу големиот број невакцинирани лица. Предупредува дека сега имаме ситуација бројот на новозаразени да расте експоненцијално со период на удвојување од околу 5-7 дена, што би значело дека кон крајот на август лесно може бројот на новозаразени на дневна основа да надмине 1.600 случаи.
-Помладите се заразуваат заради фактот што сега вирусот меѓу нив наоѓа „небранет“ терен за ширење. Меѓу нив тој може непречено да формира долги ланци на инфекции, зашто постарите од 50-55 години се веќе вакцинирани во голема мера. Вирусот едноставно се поместува таму каде што има најмал отпор. Од друга страна, факт е дека делта сојот не само што е попренослив за 60-70 проценти од алфа, тој многу побрзо и се размножува кога ќе навлезе во организмот на домаќинот. Се проценува дека постигнува концентрација околу 1.000 пати поголема од онаа на алфа сојот – објаснува д-р Даниловски.
До 15 август да се довршат свадбите, полициски час нема
Воведувањето на рестриктивните мерки од 15 август се важни за на 1 септември децата да почнат на училиште, да имаме успешен попис, да завршат локалните изборите како што треба, порача вчера премиерот Заев потенцирајќи дека на угостителските објекти им е оставен простор од осум дена да се реорганизираат, бидејќи овој период е на организирање на свадби и веселби со доаѓањето на печалбарите во земјава.
-Значи прослави по 15 нема на затворено, а на отворено и на затворено, коишто ќе работат сите угостителски објекти, театри, концерти, одредени културни настани, семинари или било што ќе може да присуствуваат граѓани, кои што имаат потврда за примена најмалку една доза вакцина. Јасно е дека преку со тоа е испратено пораката за вакцинација и ги поттикнуваме граѓаните да се вакцинираат. Зошто? Заради тоа што тоа е само единствениот лек и начин да се избориме со оваа пандемија, рече Заев.
Посочи дека ограничување на движење, односно полициски час нема да има, но секој којшто не е вакциниран нема да може да оди во кафетерија, театар, концерт или друг настан.



