Екипата на Минесота Тимбервулфс е втор финалист во Западната конференција по триумфот како гостин во „мајсторката“ против Денвер со 98-90.
Ова е прв пласман за овој тим во финалето на Западот по пауза до 20 години, а до него дојде со најголемиот пресврт во историјата на НБА кога станува збор за седми натпревар од една серија. На девет минути пред крајот на третата четвртина, Денвер водеше со 20 поени разлика (58-38), а потоа дојде до целосен распад во редовите на шампионот. Досегашниот рекорден пресврт во една „мајсторка“ изнесуваше 11 поени, па кошаркарите на Минесота можат да бидат горди на своето големо достигнување.
Вулфс се доближија на само шест поени негатива (53-59) по серијата од 15-1, а до крајот на четвртината се разбуди Едвардс и по 36 минути игра, резултатот беше 67-66 за домашниот тим. Одличната игра на гостите продолжи и во последниот квартал, Минесота го отвори со 15-8 за +6, а Наз Рид со две блокади и забивање во краток временски интервал го дотолчи противникот.
Карл Ентони Таунс со 23 поени и 11 скока беше најдобар во победничкиот тим, Мекдениелс постигна исто така 23 поени, а Едвардс, кој на полувреме имаше само четири поени, заврши со 16, плус 8 скока и 7 асистенции. Кај Денвер „играа“ само Јокиќ и Мареј кои постигнаа повеќе од три четвртини од поените на својот тим. Мареј реализира 35, а Јокиќ 34 со 19 скока и 6 асистенции. Во финалето на Западот, Минесота ќе игра со Далас кој со 4-2 беше подобар од Оклахома.
Во финалето на Истокот ќе игра Индијана која направи брејк во седмиот меч против Њујорк со 130-109. Пејсерс го запреа Брансон на само 17 поени иако блескаше Дивинченцо со 39. Халибартон со 26 поени ги предводеше гостите до првото конференциско финале по пауза од 10 години. Противник на Индијана ќе ѝ биде Бостон кој беше најдобар тим во лигата по основниот дел од сезоната.