Вака од денеска изгледа влегувањето во угостителските објекти. На самиот влез полнолетните гости треба да приложат потврда за примена барем една доза вакцина или доказ за прележан Ковид-19 во изминатиот месец и половина, па дури потоа вработените им дозволуваат да влезат на летните тераси. Затворените делови од угостителските објекти од денеска не се во функција.
Иако немаат проблем при проверка на врата, угостителите велат дека ситуацијата во која се наоѓаат воопшто не е пријатна ниту за нив, ниту за гостите. Според владината одлука, секаде каде што има повеќе од 30 присутни лица задолжително треба да има редарска служба, а кај помалите објекти проверката на гостите ја прават вработените на смена.
Пазарните инспектори од утрово се на терен, иако велат дека конкретно за оваа мерка нивните овластувања за контрола се ограничени.
Угостителите ја сметаат за селективна и деградирачка оваа мерка и бараат од Владата да ја укине. Но, министерот за економија најави дека ќе ја разгледаат можноста да се прошири опфатот на гости, односно во угостителски објекти и на настани да се дозволи влез и со потврда за антитела или со негативен ПЦР тест не постар од 14 дена.
Во меѓувреме во ресторани и кафулиња ќе седат само тие кои примиле барем една доза вакцина или прележале Ковид-19 најмногу пред месец и половина. Исклучок од ова се само малолетниците.



