Кинеските археолози открија остатоци од алкохолен пијалок на база на жито, стар 2.300 години, во автономниот регион Нингсја Хуи во северозападна Кина.
Ова откритие дава нови сознанија за древната кинеска технологија за производство на алкохол , според агенцијата Синхуа.
Тим археолози пронашол течност зачувана во бронзен сад во форма на глава лук , што е карактеристичен облик на садот за таа култура, на локалитетот Шанџабу, гробишта од државата Ќин, соопшти регионалниот оддел за туризам.
Преку комбинација од археолошки истражувања и напредна научна анализа, истражувачите потврдија дека 3.740 милилитри течност отстранета од садот всушност е алкохол од жито .
Се верува дека примерокот е најдобро зачуваниот остаток од течен алкохол од тој период во Кина што досега е јавно презентиран, пополнувајќи ја празнината во археолошките истражувања за античкото производство на алкохол во Нингсија, соопшти агенцијата.
Гробиштата се наоѓаат во близина на Кинескиот ѕид, кој го изградила државата Ќин за време на периодот на завојуваните држави, а до 2024 година биле истражени 183 гробници.
Бронзениот сад имал двоен систем за запечатување, со текстилна подлога и слој од органска кал.
Овој софистициран систем за запечатување спречил навлегување на надворешни загадувачи , овозможувајќи древниот алкохолен пијалок да се зачува со минимално испарување по повеќе од два милениума, велат археолозите.
Истражувачите анализирале 24 категории на соединенија, вклучувајќи органски киселини, аминокиселини и јаглехидрати.
Наодите покажуваат дека народот Ќин веќе го совладал користењето на ферментациски стартери на база на жито, што овозможувало сахарификацијата и ферментацијата да се одвиваат истовремено, што е знак за напредни вештини во производството на алкохолни пијалоци за тој период .
Истражувачите велат дека откритието дава материјални докази за софистицираноста на древните кинески практики за ферментација на жито и нуди вредни насоки за проучување на земјоделството, културата на храна и занаетчиството во периодот пред династијата Ќин од 221 до 207 година п.н.е., објави Ксинхуа.
The post Неверојатно откритие во Кина: Пронајден алкохолен пијалок стар 2.300 години appeared first on Во Центар.



