Неексплодирана граната од Првата светска војна на границата со Грција

Неексплодирана артилериска граната од Првата светска војна е пронајдена во близина на државната граница со Грција. Граната е пронајдена на местото викано „Ќупот“, југозападно од Гевгелија.
Пиротехничарите од Дирекцијата за заштита и спасување предупредуваат дека пронајдената неексплодирана граната, може да има смртоносен радиус и дека е доволен само еден удар за да дојде до нејзино активирање и експлозија.
Пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов појаснува дека гранатата е од типот топовски проектили од Првата светска војна и дека најверојатно се работи за испукана, но неексплодирана граната која останала активна. Според него, и при најмал удар може да дојде до моментална експлозија, бидејќи станува збор за исклучително опасно убојно средство, со потенцијално смртоносно дејство во радиус од околу 150 метри.
Неексплодираната граната ќе биде безбедно транспортирана и уништена на армискиот полигон „Криволак“, согласно протоколите за уништување на неексплодирани убојни средства (НУС).
Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов апелира до граѓаните, во случај на пронаоѓање на сомнителни предмети што наликуваат на експлозивни средства, да не ги допираат и веднаш да пријават на бројот 112.

The post Неексплодирана граната од Првата светска војна на границата со Грција appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: