Поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија (ИВЗ), Шаќир Фетаху се нашол во лажна маркетншка кампања на социјалните мрежи во која наводно рекламира и разни производи, пишува „Религија.мк“.
ИВЗ соопшти дека видеоматеријалите кои се појавиле на социјалните платформи се лажни, а гласот на поглаварот на ИВЗ е злупотребен.
-Нагласуваме дека овие содржини немаат никаква поврзаност со Исламската верска заедница, не претставуваат дел од нашата официјална комуникација и не се одобрени ниту овластени од страна на Реисул улема на ИВЗ, Хфз. Х. Шаќир еф. Фетаху. Ваквата злоупотреба на неговиот идентитет претставува обид за доведување на јавноста во заблуда и сериозно нарушување на угледот и достоинството на институцијата, пишува во соопштението на ИВЗ.
ИВЗ ги апелира граѓаните да не им веруваат на ваквите содржини и да не преземаат никакви активности врз основа на нив.
-Воедно, апелираме до дигиталните платформи и до администраторите на страниците на кои се објавени овие материјали да ги отстранат без одлагање, почитувајќи ги правилата за заштита на идентитетот, личните права и спречувањето на дезинформациите. Исламската верска заедница ќе ги преземе сите неопходни институционални и правни мерки за заштита на авторитетот на Реисул улема на ИВЗ, Хфз. Х. Шаќир еф. Фетаху, интегритетот на институцијата и довербата на јавноста, стои во соопштението на ИВЗ.



