Не сакаме нуклеарно оружје во вселената

Неименуван извор минатата недела во изјава за Ројтерс рекол дека Вашингтон има нови информации за руските нуклеарни капацитети и дека Москва се обидува да развие оружје што може да се користи од вселената

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва е „категорично против“ распоредување нуклеарно оружје во вселената, по обвинувањата на Вашингтон дека има планови за развој на такво антисателитско оружје.

„Нашиот став е јасен и транспарентен: ние отсекогаш сме биле категорично против, и сè уште сме против распоредувањето нуклеарно оружје во вселената“,

рече Путин за време на состанокот со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

Шојгу рече дека Русија го нема типот на оружје за кое САД ја обвинуваат дека сака да го постави во вселената.

Неименуван извор минатата недела во изјава за Ројтерс рекол дека Вашингтон има нови информации за руските нуклеарни капацитети и дека Москва се обидува да развие оружје што може да се користи од вселената.

„Ние повикуваме не само на почитување на сите договори што постојат во оваа област, туку и постојано понудивме да ја зајакнеме оваа заедничка цел“,

рече Путин, мислејќи на договорите за ограничување на нуклеарното оружје.

Путин нагласи дека вселенските активности на Русија не се разликуваат од другите земји, вклучително и САД.

Американски извори минатата недела сугерираа дека Русија има нови способности во вселената, но не беа дадени дополнителни детали или објавени докази.

„Њујорк тајмс“ напиша дека Русија се обидува да развие антисателитско нуклеарно оружје. Шојгу денеска изјави дека нема такви планови.

„Прво, нема такви проекти – нуклеарно оружје во вселената. Второ, САД знаат дека тоа не постои“,

му рекол тој на Путин.

Белата куќа минатата недела потврди дека претставници на американските разузнавачки служби имаат информации кои укажуваат на тоа дека Русија стекнала способност за ново антисателитско оружје, иако оцени дека таквото оружје сè уште не е оперативно. Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека „нема докази дека донеле одлука да направат нешто во вселената“ и повтори дека нема непосредна опасност за луѓето. 

Пронајдете не на следниве мрежи: