„Не сум магионичар“: Марта Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат заедно во ЕУ

Комесарката за проширување, Марта Кос, во интервју за Н1 вели дека неодамнешните измени на судските закони во Србија претставуваат чекор назад и дека довербата на ЕУ во Србија е нарушена и дека очекуваат нивното спроведување да биде суспендирано. Коментирајќи го фактот дека претседателот Александар Вучиќ ги потпишал, тој истакнува дека таа „може само да претпостави која е причината“ и дека таа и нејзиниот тим направиле проценка „која не е добра“.

Таа вели дека Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори оваа година, а Албанија следната. Кос е охрабрена што 60 отсто од граѓаните на Босна и Херцеговина веруваат во патот кон ЕУ. Но нагласува дека не е магионичар за да се оствари идејата сите земји од Западен Балкан да влезат заедно во ЕУ и дека внимателно ќе се разгледува секоја земја. Македонија воопшто не ја спомена поединечно.

На прашањето за усвојувањето на контроверзните судски закони во Србија Кос одговара:

„Знаете, има подеми и падови. И она што го доживуваме сега во Србија, особено по најновите промени, е јасен чекор назад. И тоа не ми се допаѓа. Бидејќи тоа е чекор назад што се нарушува независноста на судството и обвинителството, а тоа е во самото срце на процесот на пристапување. Тоа е во центарот на владеењето на правото. И знаете колку е важно владеењето на правото во процесот на пристапување.

Она што се случи со тие промени ја наруши нашата доверба. Станува сè потешко за мене и за другите луѓе во Брисел кои сè уште се подготвени да ѝ помогнат на Србија да продолжи напред. Бидејќи едно е техничкиот дел од преговорите и законите за кои зборуваме. Но друго прашање е, дали навистина веруваме дека Србија сака да стане членка на ЕУ? Или да го преформулирам: дали им веруваме на српската влада и парламентот дека сакаат да ја внесат земјата во ЕУ? Јас сè уште верувам. И ќе продолжам да се обидувам сè додека има смисла. И засега, сè уште има“.

И додава:

„Очекувам српската влада да го суспендира спроведувањето на тие закони. Потоа се надевам дека Венецијанската комисија, до која владата, односно парламентот, се обрати за мислење, ќе даде препораки што е можно поскоро. А потоа, секако, очекувам ревизија на тие закони на инклузивен начин. Ова значи вклучување на сите релевантни актери и, секако, консултација со Европската комисија и Венецијанската комисија, бидејќи Србија е должна да го стори тоа. Се надевам дека тоа ќе се направи, бидејќи ако не, ќе мора да разговараме поинаку“.

Марта Кос е против санкции за Србија: „Треба да бидеме возрасни и да ги решаваме овие работи поинаку – со разговор. Затоа прашав: Зошто се случува ова? Помогнете ми да разберам зошто го направивте тоа. Значи, не сум за санкции. Но, сум за строги правила. Јас сум посветена, јас сум фер и строга. Постојат обврски од двете страни. Кога ќе ја слушнам посветеноста на српските политичари на европскиот пат, ја сфаќам таа обврска многу сериозно. Мојата задача е да ѝ помогнам на Србија да се врати на тој пат со ревидирање на овие промени. Сега сè е во рацете на српските власти.

Додека Албанија и Црна Гора брзо напредуваат, гледаме дека Србија се враќа назад. Србија со тоа се става во опасност. Можеби мала, во однос на доцнењето, но ако законите не се променат, тоа би можело да биде сериозен застој на многу повисоко ниво. Прашањето е дали Владата на Србија е подготвена за такви промени“.

Таа нагласува:

„Во Украина ме нарекуваат ‘комесарка на надежта’. Тоа е нешто што можам да го понудам. А во Босна и Херцеговина почувствував дека надежта сè уште постои. Нашите анкети покажуваат дека околу 60 проценти од граѓаните сè уште веруваат во патот кон ЕУ. Доколку го започнеме процесот на пристапување, би можеле да надминеме многу од пречките што произлегуваат од Дејтонскиот договор, кој беше добар за запирање на војната, но денес истиот тој договор го спречува напредокот. Потребно е да се назначи главен преговарач и да се донесат два закона. Тоа не се случува. Се прашувам дали политичарите навистина го прават она што е најдобро за нивниот народ“.

Кос не ја прифаќа критиката дека ЕУ не е успешна во проширувањето: „Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија следната. Тоа е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да дојде до мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството – морам да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки. На земјите-членки им е сè потешко да го разберат назадувањето во Србија со усвојувањето на судските закони. Им е сè потешко да разберат назадување како ова во Србија“.

На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Марта Кос одговара:

„Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно. Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Тоа е цел што мора да ја постигнеме заедно“.

Пронајдете не на следниве мрежи: