Не јадете на улица – казната е 500 евра

За романтичната, неодолива и инспиративна Фиренца, која се наоѓа во срцето на Тоскана, Италија – на бреговите на реката Арно може многу да се пишува. Но, за да се види што се има таа да понуди треба да се посети. А, ја посетуваат, секоја година, бројни туристи.
Речиси и да не постои друг град во светот, каде на едно така мало место, е собрана толкава уметност и архитектура, совршена во секој поглед.
Градот го карактеризираат тесни калдармисани улички, елегантни палати од 15 и 16-тиот век, средновековни цркви декорирани со некои од светски најдобрите фрески, базилики од мермер и уметнички музеи во кои можете да видите слики и скулптури од Микеланџело, Да Винчи и Ботичели. Токму заради тоа целиот историски центар на градот е под заштита на светското културно наследство на УНЕСКО, па туристите некогаш и непланирано, во Фиренца наместо еден или два се задржуваат повеќе денови.
Но, како и секаде, и тука се јавуваат проблеми.Од почетокот на месецов Градскиот Совет на Фиренца им се закани на туристите со драконски казни од 500 евра доколку јадат на некоја од улиците во центарот на градот.
Со забраната која ја донесе градоначалникот Дарио Нардела на туристите им се забранува консумирање храна додека се движат по тротоарите, како и додека седат на праговите од продавниците и куќите.
Како што објави британскиот “Дејли експрес“ забраната важи само за познатата улица “Виа де Нери“ и нејзината непосредна околина, како и за улицата која води кон галеријата “Уфици“ или на италијански Uffizi.
Ќе се применува само во време на ручекот од 12 до 15 часот и навечер од 18 до 22 часот, и ќе биде на сила до 6 јануари, кога официјално завршува туристичката сезона во Фиренца.
Туристите во Фиренца својот оброк најчесто го косумираат по улиците, затоа што цените во угостителските објекти се превисоки за нивниот џеб. Отсега доколку не сакаат да платат 500 евра казна ќе мораат да се одвикнат од оваа навика во “градот на ренесансата.      

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.