Нов обид да се испеглаат разликите во Изборниот законик

Координаторите на пратеничките групи денеска во нов обид да ги испеглаат разликите околу Изборниот законик и да стигнат да го донесат до рокот што го постави Европската унија за Реформската агенда.
Власта бара електронско гласање или гласање преку пошта на дијаспората, нешто со што не се согласува опозицијата која во ваквиот начин на гласање гледа можност за изборни манипулации.

Првиот човек на македонското Собрание Африм Гаши се согласува со предлогот за електронско гласање на дијаспората, но притоа државата да обезбеди тајност на гласањето.
– Принципиелно јас сум за електронско гласање на дијаспората, и дури сум тоа да се овозможи и во земјава. Со овозможување електронско гласање на дијаспората ќе го постигнеме начелото дека секој граѓанин да има право на глас, но доколку државата е подготвена да обезбеди тајност на гласањето. Мора да се има добра волја и разбирање бидејќи за овој закон потребен е консензус од партиите и не е добро да се останува во ровови или во исцртување црвени линии, изјави вчера Гаши.
Од друга страна, и вчера партиите се препукуваа за Изборниот законик.
Од СДСМ изјавија дека премиерот и ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да се откажат од манипулациите за над 200 илјади гласови од дијаспората.
– Опасно и загрижувачки е тоа што ВМРО категорично одбива ДИК, со консензус, да ги регулира процедурите за гласањето на дијаспората. Од што се плаши власта? Ако навистина нивната цел е фер и демократски изборен процес, тогаш зошто бегаат од механизам што обезбедува контрола, доверба и согласност меѓу сите политички чинители? Но, вистината е дека нивната цел не е подобар изборен процес, туку отворање простор за изборен инженеринг и манипулација, изјави вчера Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ со оценка дека СДСМ и Филипче го одбиле предлогот за гласање на дијаспората затоа што се плашат од граѓаните кои живеат надвор од матичната држава дека нема да ја поддржат политиката на СДСМ.

– Венко Заев и СДСМ  се спротивставуваат на решението македонската дијаспора да гласа во што поголем број. Како ВМРО-ДПМНЕ предложивме тоа да биде по електронски пат или пак по пошта. Овој предлог беше одбиен од страна на Венко Заев и СДС затоа што кај нив владее страв за тоа дека граѓаните кои ја напуштија државата во периодот на нивното владеење, нема да ја поддржат нивната политика, изјави вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.

The post Нов обид да се испеглаат разликите во Изборниот законик appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: