Вчера, Даут Пашин Амам беше претесен да ги собере сите посетители кои сакаа да му оддадат почит на Миро Масин и да ги видат неговите дела при отворањето на неговата изложба. Ова е доказ дека овој уметник остава силен впечаток и широка почит меѓу луѓето, кои секогаш ја ценат неговата позитивна енергија и топли зборови.
Трн: Која е приказната зад насловот на изложбата „Подобро на гранка, отколку заглавен во лифт“ ?
Миро: Тоа ми е мото одамна одамна, и претходните каталози биле така насловени. Поентата е што повеќе да се анулира од секојдневните ситуации, политичко – фудбалски, да бидеме повеќе релаксирани и да уживаме во животот.
Трн: Пред неколку дена изјави: „Јас уште не се нарекувам уметник, треба да помине барем век, два, за историјата да проџвака да се види дали сум уметник“, до кога мислиш дека ќе трае овој процес за валоризирање на уметниците и колку тој влијае на уметниците?
Миро: Барем еден век два треба да помине за да се валоризира нечие творештво.Тоа е процес. Колку и да делува несериозно било која уметност, било која работа, тоа е во суштина сериозна работа, сепак тоа историјата треба да го џвака тоа, делува многу необавезно, неформално, лесно, а е вистинска работа која бара време, труд и посветеност.
Трн: Што е она што ти недостасуваше додека беше млад уметник ?
Миро: Како млад уметник јас бев од оние кои сакаат да се едуцираат значи, имавме на Академија две струи, едни што беа многу модерни тогаш почнаа перформанси во Македонија и Скопје, јас бев од оние што сакаат прво класичното да го осознаат па потоа влегов во зоолошка и перформансот. Претходно се што беше поимано како несериозно сега се вика перформанс.
Ги научив прво класичните сликарски техники и потоа и се останато, мада јас кога влегов во зоолошка тоа се уште не се нарекуваше перформанс, леле види го овој што прави, па полу човек, полу мајмун.
Трн: Под чие влијание беше најмногу за време на твоето 40 годишно творештво?
Миро:Во почетокот бев кога се запишав на Факултетот за ликовни уметности, односно пред да се запишам мислев дека постои само Салвадор Дали и јас, немав поим од уметност тогаш. Потоа ги осознав сите други стотици стотици генијалци и од локално и од светско ниво. Влијаеја потоа кај мене професорите, прво Перчинков, па Кондовски, па Анастасов. Сите тие влијаеле кај мене а потоа и пошироко и светските уметници.
Трн: Кои моменти од твојот живот се клучни што те оформиле во ова што го претставуваш денес ?
Миро: Едно од најголемите влијанија е Драги Филевски и секако се што се случува околу мене, околу нас влијае и сакал јас или нејќел остава некој траг.
Прво гледаш со очи, па го преработува мозокот, па оди до срцето и излегува кај мене преку рацете на платно, слика. Тоа е процес, тие четири филтри, очи,мозок, срце и раце.
Трн: Кога беше најсреќен?
Миро: Денес! Последното искуство секогаш ми е најубавото искуство. И мислам дека има прогрес. Секогаш се наоѓа некој да те спаси од она претходно, има градација, ако плачеш за она што било порано, ништо не правиш, мораш да одиш напред и да извадиш од секоја приказна нешто добро и убаво.
Трн: Од каде ги носиш најдобрите искуства?
Миро: Исто важи и тука, секое наредно е секогаш подобро. Секоја тура е нова авантура. Обично околу мене секогаш има прекрасни луѓе, прекрасни искуства и прекрасни места. А од уметниците ако морам да одберам еден, тоа е Рембрант!
Трн: Што те туркало напред?
Миро: Работа, работа и само работа.
Трн: Дали кај сметаш дека недостасува ликовна критика?
Миро: Тоа постои од моја генерација, значи, јас кога бев млад имаше ликовна критика, па имаше по весници. Сега ретко кој може да напише критика, критика остана само за театарската уметност, се уште, јас не следам повеќе, ама ликовна критика одамна нема, само најава, објава и тоа е тоа.
Трн: Се живее ли од уметност?
Миро: Да, се живее! Во почетокот е малку тешко, немам ни ден работен стаж, ама еве сум жив и здрав. И треба и жртви, кога немаш да издржиш, да стегнеш заби. И треба по некоја жртва, дали семејна, дали другарска, дали лична.