Во периодот од 3 до 9 март, во Македонија се пријавени 2.347 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, што претставува намалување од 8,6% во однос на претходната недела, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Сепак, бројот на заболени е 5,5 пати поголем во споредба со истиот период од минатата сезона и за 78,3% повисок од просекот на последните 14 сезони.
ИЈЗ потврди уште еден смртен случај поврзан со грипот – 82-годишно лице од Скопје, кое било хоспитализирано во Клиничката болница во Штип. Кај починатиот пациент, кој имал коморбидитети и не бил вакциниран против грип, лабораториски е потврден вирусот Influenza A(H3).
Според возрасната дистрибуција на новозаболените, најголем број случаи се регистрирани кај лица од 15 до 64 години (1.454), следени од деца на возраст од 5 до 14 години (516).
Највисока инциденца се забележува кај децата од 5 до 14 години (240,2 на 100.000 жители), а потоа кај децата до 4 години (185,5 на 100.000 жители). Најмногу заболени се пријавени во: Скопје – 931, Битола – 202, Куманово – 176, Струмица – 112, Тетово – 105.
Во текот на целата сезона (2024/2025) досега се регистрирани 22.291 случаи на грип, што е зголемување од 61,4% во споредба со минатата сезона.
ИЈЗ потсетува дека вакцинацијата е најдобрата заштита против сезонскиот грип. Досега во државата се вакцинирани 72.294 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.