Нула калории, но многу проблеми: Овој засладувач го зголемува ризикот од срцеви заболувања и инфаркт

Замената за шеќер наречена еритритол е поврзана со згрутчување на крвта, мозочен удар, срцев удар и смрт, покажала новата студија, пренесува „CNN“.

„Стапката на ризик не е скромна“, вели главниот автор на студијата, д-р Стенли Хејзен, директор на Центарот за кардиоваскуларна дијагностика и превенција на Институтот „Lerner Research“ на клиниката во Кливленд.
Лицата со постоечки фактори на ризик за срцеви заболувања, како што е дијабетесот, имаат двојно поголема веројатност да доживеат срцев или мозочен удар доколку имаат највисоки нивоа на еритритол во крвта, наведува студијата објавена во понеделникот во списанието „Nature Medicine“.

„Доколку количината на еритритол во крвта е во горните 25 отсто во споредба со најниските 25 отсто, постои околу двапати поголем ризик од срцев и мозочен удар. Тоа е во ранг со најсилните срцеви фактори на ризик, како дијабетес“, вели Хејзен.
Дополнителните лабораториски истражувања и истражувања врз животни претставени во трудот откриле дека еритритолот предизвикува побрзо згрутчување на крвта.

„Ова секако звучи алармантно“, вели д-р Ендру Фриман, кој не бил вклучен во истражувањето.
„Се чини дека постои ризик од згрутчување на крвта поради користење на еритритол. Очигледно е дека се потребни повеќе истражувања, но можеби би имало смисла да се ограничи еритритолот во исхраната засега“, додал тој.

Како одговор на студијата, групацијата „Calorie Control Council“ која произведува вештачки засладувачи истакнала дека „резултатите од оваа студија се спротивни на научните истражувања кои покажуваат дека нискокалоричните засладувачи како еритритол се безбедни, што е потврдено со глобалните регулаторни дозволи за нивна употреба во храна и пијалаци“.
„Резултатите не треба да се пресликаат на општата популација бидејќи учесниците во интервенцијата веќе биле изложени на зголемен ризик од кардиоваскуларни болести“, вели Роберт Ренкин, извршен директор на компанијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.