Обвинителството бара привремено одземање на еден стан и шест автомобили поврзани со Александар Лазаров

Осомничениот Александар Лазаров Цуна, кој минатата недела избега од полициската станица во Кочани, повторно е уапсен и веднаш е испратен на издржување на притворската мерка, информира Обвинителството.
Основното јавно обвинителство Кочани на 10.07.2026 година донесе Наредба за спроведување истражна постапка, која покрај овој осомничен опфаќа уште едно лице, а се однесува на кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, кое го сториле како соизвршители.
Истрагата е поведена затоа што кај осомничените, при претрес во автомобил, биле пронајдени осум грама наркотична дрога – кокаин. По предлог на јавниот обвинител, истиот ден на лицето му беше определена мерка притвор. По лишувањето од слобода, јавниот обвинител денеска беше известен и лицето веднаш е испратено на издржување на притворската мерка.
Освен тоа, јавниот обвинител до Основниот суд во Кочани поднесе и барање за определување привремена мерка за обезбедување – привремено одземање на движен и недвижен имот согласно член 202 од Законот за кривичната постапка, односно имот поврзан со осомничениот за кој постои сомнение дека е поврзан со криминална активност.
Од преземените дејствија до овој момент постои сомнение дека еден стан и вкупно шест автомобили, од кои дел биле запишани на други лица, фактички се наоѓаат во владение и на располагање на осомничениот. Овој имот не кореспондира со неговите законски приходи, што го потврдува сомнението дека истиот претставува имот стекнат со криминална активност или имот кој служи за прикривање на незаконски стекната имотна корист.
The post Обвинителството бара привремено одземање на еден стан и шест автомобили поврзани со Александар Лазаров appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: