Обвинителството ја проширува истрагата за случајот „Ботокс“

Во рамките на истражната постапка што ја води надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а која се однесува на организирана криминална група вклучена во нелегален увоз, дистрибуција и употреба на лекови и медицински помагала, вчера беа извршени проверки на пет локации во Скопje, меѓу кои и две здравствени установи.

За време на акцијата беа уапсени три лица, од кои двајца се лекари.

Врз основа на прибавените докази, јавниот обвинител издаде наредба за спроведување истражна постапка против четири лица.

Тројца осомничени се товарат за кривични дела „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластено користење на странска фирма“, додека едно лице е осомничено за кривично дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластено користење на странска фирма“, соопшти Обвинителството.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопјe им изрече мерки на претпазливост на четворицата осомничени.

Предметот беше отворен во април годинава, кога беше издадена наредба за спроведување истражна постапка против 17 физички лица и шест правни лица, за кои постои основано сомнение дека се вклучени во извршувањето на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластено користење на странска фирма“ и „поткуп“.

Истрагите продолжуваат за целосно разјаснување на сите околности на случајот и утврдување на евентуална вмешаност на други лица, се вели во соопштението на Обвинителството.
The post Обвинителството ја проширува истрагата за случајот „Ботокс“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: