Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска ја претстави меѓународната рамка за регулација и употреба на генеративна вештачка интелигенција (ВИ).
Кишида го објави ова во говорот пред Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со седиште во Париз, пренесе АП.
„Генеративната вештачка интелигенција има потенцијал да биде витална алатка за понатамошно збогатување на светот, но мораме да се соочиме и со темната страна на вештачката интелигенција, како што е ризикот од дезинформации“ , рече Кишида.
Кога Јапонија претседаваше со Групата седум (Г7) водечки индустријализирани земји минатата година, таа го започна процесот на вештачка интелигенција во Хирошима за да создаде меѓународни принципи и кодекс на однесување за развивачите на вештачка интелигенција.
Околу 49 земји и региони ја потпишаа доброволната рамка, наречена Група на пријатели на процесот на вештачка интелигенција во Хирошима, рече Кишида.
Тие ќе работат на имплементација на принципи и кодекси на однесување за справување со ризиците од генеративната вештачка интелигенција и „да промовираат соработка за да се осигури дека луѓето ширум светот можат да имаат корист од употребата на безбедна и сигурна вештачка интелигенција“, нагласи тој.
Европската унија, САД, Кина и многу други нации се тркаат да развијат регулативи и надзор за вештачката интелигенција, додека глобалните тела како што се Обединетите нации се борат да ги надгледуваат.