Кога станува збор за хранливи материи кои се особено важни за здравјето, малкумина би помислиле на сулфурот. Но, овој минерал, кој е дел од кожата, косата и ноктите, како и сврзното ткиво и ‘рскавицата, односно мускулите и зглобовите, има огромно влијание врз организмот.
Ова е еден од клучните минерали за нормално функционирање на организмот!
Сулфурот е вклучен во многу телесни процеси, вклучувајќи го метаболизмот на протеини, јаглехидрати и масти. Ги поттикнува циркулацијата, варењето и отстранувањето на штетните материи од организмот, делува силно против микробите и го потиснува воспалението, го балансира крвниот притисок, холестеролот и шеќерот.
Каде се наоѓа?
Сулфурот се наоѓа во многу намирници. Го има во јајцата, месото, рибата, млекото… Добри извори на сулфур се аспарагусот, мешунките (особено грашокот, гравот, сојата), јаткастите плодови и житариците.
Зеленчукот како брокула, карфиол, кељ, зелка, ротквици, репа, изобилува со лековити сулфурни соединенија, од кои најистакнат е сулфорафан – многу важен за општото здравје.
Колку подолго се готви зеленчукот, толку повеќе се губи сулфур, па се препорачува само кратко загревање. Доволно е само пет минути да се вари зелката на пареа – на овој начин може да се задржат корисните сулфурни соединенија и фините вкусови. Ако зелката се вари повеќе од пет минути, почнуваат да се ослободува водород сулфид, што е причина за непријатниот мирис и губење на вкусот.
Корисен е како додаток во исхраната, но и во надворешна примена
Сулфурот е достапен и во форма на додаток во исхраната познат како МСМ (метил сулфонил метан). Станува збор за вид на органски сулфур кој нормално е присутен во организмот, а се препорачува за детоксикација, зајакнување на имунитетот, како и за поздрава и поубава кожа, коса и нокти.
Сулфурот е корисен и при надворешна апликација, односно на кожата, почнувајќи со капење и терапија во термална сулфурна вода. Термалната минерална вода богата со сулфур има антиинфламаторно дејство, ја намалува болката, ги стимулира циркулацијата и метаболизмот, го забрзува заздравувањето на ткивата. Се користи при разни ревматски, респираторни, гинеколошки и кожни болести и при опоравување од операции и повреди.
Сулфурот често се додава и во препаратите за проблематична кожа и скалп бидејќи го смирува воспалението, ја нормализира работата на лојните жлезди и ја поттикнува регенерацијата на кожата.