Црешите се едно од најомилените овошја и тоа со добра причина. Тие се вкусни и содржат витамини, минерали и бројни билни соединенија со силни здравствени ефекти.
Според „Healthline“, постојат неколку придобивки од редовното консумирање на ова овошје. Како што објаснуваат диететичарите, црешите содржат малку калории и многу хранливи материи, особено влакна, витамин Ц и калиум, кои на многу начини придонесуваат за зачувување на нашето здравје.
Имено, витаминот Ц е неопходен за одржување на нашиот имунолошки систем и здравјето на кожата, додека калиумот е потребен за контракција на мускулите, нервна функција, регулација на крвниот притисок и многу други критични процеси на телото.
Црешите се исто така добар извор на растителни влакна, кои помагаат во одржување на нашиот дигестивен систем здрав, поттикнувајќи развивање на корисни бактерии во цревата. Со самото тоа помагаат при слабеење, односно одржување на посакуваната телесна тежина.
Ова овошје е богато со антиоксиданти и антиинфламаторни соединенија, а високата содржина на антиоксиданти може да помогне во борбата против оксидативниот стрес, состојба која е поврзана со бројни хронични болести и предвремено стареење.
Всушност, една студија покажала дека јадењето цреши ефикасно го намалува воспалението во организмот. Црешите се особено богати со полифеноли, голема група растителни хемикалии кои помагаат во борбата против оштетувањето на клетките, го намалуваат потенцијалното воспаление и на тој начин го чуваат целокупното здравје. Всушност, исхраната богата со полифеноли може да нè заштити од многу хронични состојби, вклучувајќи срцеви заболувања, дијабетес и одредени видови рак.