Одличните релации со Заев и други партиски ексфункционери се предуслов за брзо обединување на партијата

Прашан за поддршката од членството, но и од поранешниот партиски лидер Зоран Заев, со кого се во добри односи, Филипче рече дека токму одличните релации кои ги има со Заев, но и со други поранешни претседатели на партијата и партиски функционери, ќе бидат еден од главните предуслови за брзо обединување во СДСМ. Вели дека доколку биде избран за лидер на социјалдемократите, за кратко време ќе докаже оти со партијата ќе раководи целосно со својот интегритет и достоинство

Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Венко Филипче, утринава ја поднесе најавената кандидатура за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Овој ден, порача Филипче од пред партиското седиште, симболично го означува почетокот на реформи и на промени во партијата.

Венко Филипче, ексминистер и пратеник од СДСМ

Програмата за работа како потенцијален претседател на СДСМ рече дека се темели на информации, сугестии и барања од членовите со кои, како што рече, имал средби изминатите два-три месеци. Од членството му било укажано што е тоа што треба да биде променето во партијата, а токму тоа, рече Филипче, е дел во програмата.

„Едноставно внесов во програмата сè што сакаат нашите членови, а верувајте дека над 90 отсто од нив ги бараат истите работи – отвореност, транспарентност, достапност. Доколку бидам избран за претседател на СДСМ, ќе работам навистина посветено, така како што јас знам. Резултатите ќе се видат многу рано, такви позитивни промени какви што бараат самите членови. Ниеден член никогаш повеќе нема да остане по страна, несослушан или екскомунициран. Ако бидам избран за претседател, ќе бидам достапен во секој момент, а на тие што ќе бидат дел од тимот можам да им ветам многу работа“,

рече Филипче на денешната прес-конференција пред партиското седиште.

Прашан за поддршката од членството, но и од поранешниот партиски лидер Зоран Заев, со кого се во добри односи, Филипче рече дека токму одличните релации кои ги има со Заев, но и со останати поранешни претседатели на партијата и партиски функционери, ќе бидат еден од главните предуслови за брзо обединување во СДСМ. Вели дека доколку биде избран за лидер на социјалдемократите, за кратко време ќе докаже оти со партијата ќе раководи целосно со својот интегритет и достоинство.

„Имам одлични комуникации со сите членови на партијата и сметам дека тоа е еден од факторите што ќе влијае да даде брзи резултати односно брзо обединување, со многу чести разговори и средби на кои сите членови ќе ги кажат своите размислувања коишто ќе бидат вградени во тоа како партијата ќе функционира понатаму. На тој еден инклузивен начин ќе се чувствуваат дека се дел од процесот на водење на партијата“,

додаде Филипче.

Рече дека во трката за претседател на СДСМ влегува сам и смета дека тимот кој ќе стои зад идниот партиски лидер треба да биде составен дури по завршување на изборите.

„Слушнав за повикот да се потпишат некакви изјави. Јас сметам дека не треба да има никакви ограничувања и кој и да биде избран за претседател тимот да го прави понатаму без разлика дали некој учествувал во изборната трка или не. Сметам дека тоа не треба да биде никаков ограничувачки фактор. Сметам дека е тоа некаква форма на поделеност уште на почетокот. Тоа нас не ни треба. Треба да имаме ферплеј и тоа ќе го предложам на една заедничка средба со сите останати кандидати кои ќе се пријават заклучно со утрешниот ден. Поделби во овој период на СДСМ му се потребни најмалку“,

додаде Филипче.

Една од главните причини поради кои одлучил да се кандидира за лидер на Социјалдемократскиот сојуз, како што рече Филипче, е цврстото верување дека не само што СДСМ ќе постои, туку повторно ќе биде победничка партија.

Пронајдете не на следниве мрежи: