Одложувањето на гласањето на Предлог-извештајот за земјава во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), во кој главните забелешки беа барањата на бугарските европратеници околу македонскиот јазик и идентитет, за дел од македонските амбасадори значи голема победа на македонската дипломатија и излегување на вистината на виделина, додека другите велат ова сепак се бугараски барања.
Амбасадорот Ивица Боцевски и поранешен специјален претставник при унгарското претседателство во ЕУ, за одложувањето на денешното гласање за 24 јуни, вели дека без разлика какво ќе биде финалето на сето ова јасно е дека македонската дипломатија извојува една огромна победа во една огромна битка, која се однесува на прашањето да се изнесе на виделина кој е бугарскиот став.
-Сега, целата европска јавност може да гледа дека единствено нешто што е спорно е токму самото постоење на македонскиот јазик, македонскиот идентитет, самото постоење на македонската нација. На една нација во 2025 и се спори правото на постоење, и тоа ни помалку ни повеќе туку од една земја-членка на ЕУ, ни помалку ни повеќе во Европскиот парламент, којшто треба да биде домот, центарот на европската демократија, рече Боцевски во изјава за медиуми по тркалезната маса на Советот на амбасадори за Планот за раст на Западен Балкан.
Тој нагласува и дека – гледаме дека реалниот проблем е тоа, односно злоупотребата на европската интеграција, претворањето на европската инеграција во оружје, насочено против македонскиот идентитет, култура, итн ова не е првпат, ова е вторпат во современата македонска историја и според мене јасно е дека нашиот одговор на таква работа мора да биде „не“. Самата идеја на европската интеграција беше нешто сосема поинаку, а гледаме од скорешните настани што се случуваат во Украина што се случува и што може да се случи кога се спори правото на постоење на една нација, оценува Боцевски.
Според него, секоја поддршка од европратеници е важна, меѓутоа, вели, и самите европарламентарците гласаат по свое сопствено убедување.
За истото прашање, ставот на амбасадорот Зоран Јолевски, и член на Советот на амбасадори, е дека посебноста на македонскиот идентитет е реалност и не може никој да ја оспорува.
-Како дипломат претпоставувам дека тие во овој период сакаат да направат дополнителни консултации, меѓутоа она што е значајно е ние како држава и како регион да продолжиме со реформите, бидејќи на крајот на краиштата, реформите што ги правиме пред се за нашите граѓани и да нашата економија што побрзо се приближи и стане конкурентна со европската еконономија, рече Јолевски.
Во однос на тоа дека забелешките на бугарската страна се дека содржината на извештајот била позната на македонските власти пред да биде објавен и дали тоа значи дека ова е наша дипломатска победа, вели дека е победа за нас, бидејќи вистината е на наша страна.
-Вообичаена пракса е кога некој подготвува извештај за одредена земја тие да се консултираат со таа земја. Победа за нас е бидејќи вистината е на наша страна, реалноста е на наша страна. Ние живееме во 21 век. Да негира некој иденитет на одредена нација е несвојствено, вели Јолевски.
На предлог на известувачот Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го одложи гласањето за усвојување на Предлог-извештајот за земјава за 24 јуни.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Вајц во образложението на предлогот нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, рече Вајц
Сепак дипломатски кригови коментараат дека ова е потврда дека бугарската дипломатија имала моќ да го сопре гласањето за да добие на време, покрај веке поднесените амандмани да подготви нов сет на лобирања и барања кои нема да бидат во полза на Македонија.


