Поради чести одрони и влажни коловози на патните правци во поширокиот дебарски регион се препорачува многу внимателно возење.
Поради обилните дождови присутни во дебарскиот и долнореканскиот крај на патиштата има чести помали, но има и поголеми одрони од камен и земја. Вчера доцна попладне имаше одрон од околу 15 кубни метри од камен на патниот правец Дебар-Маврово, на делница Жировница-Трница, изјави за МИА Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.
Тој додаде дека морале да интервенираат со багер, па сообраќајот бил времено во прекин во двата правци.
Екипи на секцијата се постојано на терен со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот.
Препорачуваме многу внимателно возење, приспособување на брзината на движење според условите на патот и строго почитување на патната сигнализација, рече Лиманоски.



