Новите предлог-правила за снабдување со топлинска енергија што на денешната седница ги разгледа Регулаторната комисија за енергетика предвидуваат граѓаните кои се исклучени од парно греење од април нема веќе да плаќаат фиксен надоместок. Потрошувачите кои во иднина ќе сакаат да се исклучат ќе треба да побараат и дозвола од 50 проценти плус еден граѓанин од станарите кои живеат во зградата.
РКЕ предлага оние кои во иднина би сакале да се исклучат од системот за парно греење да имаат обврска да изработат елаборат со кој ќе докажат дека новиот начин на кој ќе се греат нема да предизвика проблеми во снабдувањето на електрична енергија.
На потрошувачите на топлинска енергија од 1 август во сметките ќе им биде укината ангажираната можност, но тоа не значи дека ќе добијат помали сметки, туку ќе се воведе појасен и лесен начин на пресметка на сметките.
– Од 1. август ангажираната можност како тарифен елемент за потрошувачите кои користат топлинска енергија ќе биде укината и ќе биде воведен соодветен и јасен лесно разбилив начин на пресметка на фиксните трошоци за потрошвачите кои останале во системот, истакна претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Тој, исто така, нагласи дека од 1 април нема да се зголемат сметките за парно греење поради тоа што ќе се укине одредбата со која досега исклучените плаќаа фиксен надоместок.
Од РКЕ препорачуваат Градот Скопје и Владата да најдат соодветни механизми за субвенционирање на потрошувачите кои користат топлинска енергија и на оние кои се греат на природен гас.
– Доколку има несоодветен начин на греење и парното греење се замени со греење на електрична енергија кое има висока потрошувачка, може да настанат проблеми во снабдувањето со електрична енергија. Од тие причини секое домаќинство кое има право да се исклучи треба да докаже дека новиот начин на греење ќе биде енергетски поефикасно од тоа што досега го имал преку системот за топлинска енергија, рече Бислимовски.
За празните станови во кои никој не живее дополнително ќе се разгледуваат начините на тарифирање, а се воведува и концептот на забрана на исклучување на ранливите категории на потрошувачи во зимскиот период.