Од Кабинетот на Вучиќ и УНС го потврдија вакцинирањето на 100 македонски новинари во Врање

Од Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ потврдија дека 100 новинари од Северна Македонија, на молба на Здружението на новинари на Србија (УНС) ќе бидат вакцинирани против коронавирус.
И претседателот на УНС, Владимир Радимировиќ, за МИА изјави дека „УНС на барање на Македонската асоцијација на новинари (МАН) побарала и ѝ било одобрено преку кабинетот на српскиот претседател, во Врање во вторник да се вакцинираат 100 медиумски работници, како и истите да бидат ревакцинирани“.
Синоќа агенцијата Бета и српските медиуми, повикувајќи се на македонските медиуми, соопштија дека во вторник во Врање, 100 македонски медиумски работници ќе бидат бесплатно вакцинирани со вакцината на AstraZeneca.


Во Србија можат да се вакцинираат само лица кои имаат српско државјанство или регулиран престој во оваа држава, како и оние со двојно, македонско и српско државјанство.
Најновите податоци на Владата на Србија покажуваат дека досега во Србија се дадени 2.163.593 дози вакцини против коронавирусот, а втората доза ја примиле 858.461 лице.
Србија е прва во Европа по бројот на граѓани кои ги примиле обете дози на вакцината на милион жители (126.159). Зад Србија се Малта, Данска, Швајцарија, Унгарија и Норвешка.
Граѓаните на Србија може да бираат со која вакцина сакаат да се имунизираат, меѓу Pfizer/BioNTech, Спутник V, кинеската Sinopharm и AstraZeneca,
Денеска по прв пат на белградскиот саем со вакцината на АстраЗенека се врши вакцинација без закажување, а директорот на пунктот за вакцинација на саемот, д-р Зоран Бекиќ, апелираше до граѓаните во што поголем број да дојдат да се вакцинираат со оваа вакцина, без да аплицираат преку Е-управа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.