Од Македонија ќе остане пустош, ни се случува егзодус: Масовно иселување на македонските граѓани, “животот за сите“ го бараат во други држави

Резултатите од пописот ни удрија шлаканица во лице, а статистиката со која се соочуваме секоја година е повеќе од загрижувачка. Но, ниту едното, ниту другото, не го запалија алармот дека Македонија се наоѓа пред демографска катастрофа. А податоците кои ни се пласираат треба да направат алармот да вришти, да нè потресе.

Кои се причините за масовното иселување на македонските граѓани? Зошто цели семејства купуваат билети за во еден правец, во торби се пакуваат и заминуваат што подалеку од оваа држава? Какви последици остава масовното иселување и што останува кога илјадници наши сограѓани нè напуштаат?
Секој ќе рече дека битката по подобра егзистенција е патоказот кој го има пред себе секој Македонец кој тргнува да стане жител на Германија, Белгија, Австралија, Шведска…

За ПАРИ се вели дека од свои заминале да станат туѓи, бидејќи тука работат за да преживеат од 1-ви месецов, до првиот ден од следниот месец. Работи народот секој ден за да плати сметки и да купи храна за дома. И не останува за ништо друго. Тоа е реалноста од која нема бегање и за која се зборува како прва точка на списокот работи кои се причини за иселување.
Но, немаштијата е само една причина. Ајде да зборуваме не само за економија, туку и за здравство, социјална политика, образование, можности за напредок, сите редови во кои чекаме секој ден…
Споредбата на резултатите од двата последни пописи (2002-ра и 2021-ва година) покажува дека над 150 000 млади луѓе се иселиле од Македонија во последните две децении.

Во 2002-ра година во Македонија имало вкупно 754.261 лице на возраст од 0-29 години. Тие луѓе, во новиот попис треба да бидат во следната старосна категорија од 29-49 години. Но, нивниот број денес се намалил на 601.492.
Во оваа старосна група, смртноста е мала, што значи дека разликата од 152.832, е број на лица кои ја напуштиле државата.
Демографската слика покажува поразителни податоци и кај истата старосна група споредена тогаш и сега. За разлика од 2002-ра година кога во Македонија имало 764.251 млади до 29 години, денес нивниот број е 638.000. Тоа е алармантно намалување за 126.171 лице.

Тие млади луѓе не заминуваат сами. Ги земаат своите семејства и заедно ја напуштаат Македонија. Имаме помали групи во градинките, помалкубројни одделенија, намален број на запишани средношколци и студенти. Губиме работоспособно население, драстично намален наталитет.
Децата не сфаќаат зошто нивните другарчиња ги напуштаат засекогаш. Родители остануваат во солзи кога нивните, веќе возрасни, деца им соопштуваат дека ќе живеат илјадници километри подалеку. Огромни друштва се распаднати, заминува пар по пар, па останавме непар.
Идејата да се направи овој голем чекор најчесто доаѓа за време на почеток високото образование или по формирањето на семејства.
По завршување на средното училиште, студентите ги разгледуваат опциите за продолжување на учењето. Да живеат во држава каде не се цени вложувањето во себе и знаењето или да се замине онаму каде образованието е напредно и квалитетно и каде по степен на образование добиваат вработување и голема плата?

Од Македонија ќе остане пустош, ни се случува егзодус: Масовно иселување на македонските граѓани, “животот за сите“ го бараат во други држави

По добивањето на дете, доаѓа соочувањето со реалноста и минимум условите кои ги имаме тука. Кога младите родители носат одлука да се иселат, пред сè мислат за иднината на своето дете. Да фаќаат врски за место во градинка, да го лекуваат детето приватно бидејќи државно нема термин, да купуваат филтри и прочистувачи за воздугх поради загаденоста, детето да им посетува настава без учебници… се само дел од реалноста со која се соочуваат.
Си заминуваат и доктори, мајстори, компјутерски експерти, наставници, готвачи, шофери… Вработени и невработени, високо образовани или со средно образование. Си заминуваат секој ден.
-Да ми кажеше некој пред неколку години дека јас ќе се преселам од Македонија, ќе речев дека е луд! Пред 6 години добив дете. За време на бременоста останав без работа. Законски, не смеат да ме избркаат, но кога поднесував приговори одговорот беше дека не сум избркана туку дека едноставно не ми го продолжиле договорот. Во ред. Се роди син ми и по совет од пријатели, поднесов апликација за во градинка кога имаше само 3 месеци иако планирав да го пуштам кога ќе наполни 9 месеци. Повеќе од една година чекавме на листа и место не се ослободи. Трошоците големи, ние со една плата оти јас не можев да работам ако детето не ми оди во градинка, немав кој да ми го чува. Искрено, фатив врски и ми го запишаа кога имаше 17 месеци. Често се разболуваше, како и секое дете, постојано бевме на лекар, чекав и по цел час да го прегледаат иако имаше температура. На Детска клиника ми велеа дека само еден доктор имаат на смена и дека затоа чекаме. Сето ова ми ја прели чашата. Роднините кои ми живееја во Берлин, Германија, нè поканија кај нив додека да се снајдеме. И еве, се снајдовме одлично. Добро заработуваме, детето ми живее во држава со развиено здравство и се чувствувам посигурно отколку дома, вели нашата соговорничка.
-Убаво заработував и во Скопје. Но, се чувствував како да тапкам во место. Немав можност за напредок иако по образование сум магистер. Сум вложил во себе и сакам тоа некој да го цени и почитува. Кога дојдов тука, напредокот почна веднаш. Нема ценкање за плата „Дали си задоволен со таа и таа сума“. Нема така. Гледаат образование, искуство, вештини и платата е голема и доволна за живот. Во Македонија не сум можел да помислам да тргнам пари на страна, да заштедам. Тука стигнува, а нема да верувате кога ќе ви кажам дека храната во супермаркет е поевтина во Германија отколку во Македонија? Затоа дојдов и не планирам да се вратам, вели еден иселеник.
-Добив понуда за работа преку фирмата за која работев и од Скопје, да дојдам да живеам и работам во Виена. Првиот договор ми беше на шест месеци и го прифатив мислејќи дека ќе биде само тоа. Кога ги видов условите кои државата таму ми ги нуди, веднаш знаев дека јас назад не сакам да се вратам. Го повлеков тука мојот сопруг кој брзо најде добра работа. Тука лани добивме и дете. Здравството, условите за градинки и училишта, сите тие можности кои ги имаме тука, во Македонија се децении наназад. Ја сакам својата држава, но одбивам да работам и да имам само за сметки и храна, вели скопјанка со која стапивме во контакт.
-Само заради здравје си отидов од таму! Живеев во Лисиче, четири месеци годишно дишевме отров. Никој ништо не направи да го спаси здравјето на луѓето. Искрено ви кажувам, чекав смена на претходната власт мислејќи дека оваа ќе биде подобра и верував на нивните ветувања. Овие двојно полоши излегоа. Не мислев ни секунда, средив документи и заминав. Во Македонија доаѓам само во посета на семејството и сфаќам дека ништо не е сменето, полошо е, рече друга скопјанка со која разговаравме.

Податоците што се засноваат на извештаите на Обединетите нации и на Светската банка покажуваат дека во наредните три децении од земјата ќе заминат околу двесте илјади лица. Ваквиот тренд очигледно нема да запре туку ќе продолжи.

Неодамнешното истражување на јавното мислење покажа алармантни податоци.
Повеќе од 40 отсто од Македонците би се иселиле од државата, покажуваат резултатите на глобалното истражување на Галуп Интернешнл (ГИА) на тема миграција.
Податоците од спроведеното истражување во Македонија во август 2022 година коешто го спроведе Брима, македонскиот член на Галуп Интернешнл, покажаа дека на прашањето „Доколку ги имате сите потребните документи би сакале да живеете во друга земја или би останале таму каде што сте?“, 42 проценти од Македонците одговориле дека би се преселиле, а 55 отсто би останале во Македонија. Останатите се изјасниле дека не знаат.

Додека СДСМ беа во опозиција, една од темите со кои најчесто “плакнеа уста“ беше токму иселувањето на младите од Македонија. Низа прес-конференции, жестоки обвинувања и протести беа дел од тоа време на чело со тогашниот лидер на СДСМ, а потоа и премиер Зоран Заев.
И како за многу други теми, така и за оваа, кога СДСМ го превзема раководењето со Владата, направија “пу-пу, не важи“!
СДСМ во предизборна кампања гарантираше враќање на иселените млади во државава, а резултатите од тоа нивно ветување се: илјадници новораселени лица. Па, наместо да креира мерки кои ќе ги вратат луѓето дома, со политиките кои ги води во секој сектор, на тие луѓе им ги прати родителите, пријателите и роднините од Македонија, во други држави.
Граѓаните ги помнат сликите од пред Влада, кога активисти на СДСМ донесоа чевли и ги ставија на „Илинденска“ како симбол за сите иселени лица од државава. Не ги гледаме денес да водат таква битка кога веќе шест години на власт е партијата која јавно ја поддржуваа.

Еве што велеа тогаш организаторите на протестот:
„Веќе со години сме сведоци и жртви на најголемот современ егзодус во Македонија. Официјалните бројки покажуваат, а нашите болни разделби потврдуваат дека од државата секој ден, секој час се иселуваат наши најблиски и сакани.
Причините за ваквите заминувања се сé полошата економска состојба и генералното влошување на сите животни и општествени сегменти. Нашето семејство, нашите пријатели, нашите комшии се делат од татковината и најблиските втурнати во потрага по парче леб.

Политиките на власта се директно одговорни за ова масовно исселување, немаштија и бесперспективност“, пишуваше во повикот.
Ако оваа порака ви личи како да е кажана во 2023-та година, не сте во право. Ова активистите го изјавија во 2016-та година. Денес, седум години подоцна, кога состојбата е драстично влошена, истите тие луѓе избраа да молчат.
Дали сега иселувањето не им пречи, дали одлучиле да ги игнорираат бројките и проблемите?

Одговорот кој можеби е најлогичен е дека токму тие луѓе, соочени со фактот дека ветувањата кои ги добиваа останаа неисполнети, ги спакуваа торбите и куферите и заминаа во некоја поразвиена земја, за да живеат “живот за сите“, онаков каков што оваа власт ветуваше дека ќе донесе тука.
Чевлите заборавија да ги остават за да ги “распостелиме“ пред Влада, но на „Илинденска“ секако нема место за толку многу пара штикли и патики.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.