Од понеделник во градинките нема да се примаат невакцинираните деца со ди-те-пер

Исто така, во градинките нема да се примаат деца со други инфективни заболувања, а од ДСЗИ велат дека за секое зголемено отсуство на детето ќе треба да биде известен Центарот за јавно здравје – Скопје

Од понеделник невакцинираните или нецелосно вакцинираните деца со вакцината ди-те-пер нема да се примаат во градинките, информираат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Од ДСЗИ велат дека денеска ја добиле одлуката на министерот за здравство, а која е врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести (КЗБ). Во препораката од Комисијата се вели дека Инспекторатот се задолжува да врши вонредни инспекциски надзори и да забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани, или се нецелосно имунизирани со ди-те-пер.

„Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник, 11 март, со издавање решение за забрана на прием на деца, кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ди-те-пер, како и други наложени епидемиски мерки“,

се вели во соопштението од ДСЗИ.

Од Инспекторат велат дека ќе ги задолжат одговорните лица во предучилишните установи да направат список на сите невакцинирани деца со вакцината ди-те-пер.

Исто така, во градинките нема да се примаат деца со други инфективни заболувања, а од ДСЗИ велат дека за секое зголемено отсуство на детето ќе треба да биде известен Центарот за јавно здравје – Скопје. 

Комисијата за заразни болести на состанокот одржан на 5 март донесе препораки за Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го засили инспекцискиот надзор на територијата на Град Скопје за да се добие пореална слика дали се почитува препораката на Комисијата за тоа дали се примаат невакцинирани деца во градинките.

За препораката од Државниот санитарен и здравствен инспекторат рекоа дека за вакво постапување по мерката треба одлука да донесе министерот за здравство.

Потоа од Министерството за здравство рекоа дека министерот Илир Демири ги прифатил препораките дадени од Комисијата за заразни болести, а кои се однесуваат за заштита од голема кашлица и оти ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да врши вонредни инспекциски надзори.

Пронајдете не на следниве мрежи: