ОД УТРЕ: Биоразградливите кеси ќе чинат 15 денари, нема веќе пластично пакување во угостителските објекти

Од утре, 1 декември 2021 година стапува во сила обврската за наплата на кесите за носење стоки од новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање, Законот предвидува: забрана на пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија и забрана на пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република Северна Македонија.
По исклучок, се посочува, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Северна Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки ( чијшто дебелина е пониска од 15 микрони). Надоместокот со вклучен ДДВ, кој треба да го плаќаат крајните корисници за биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и се плаќа на трговецот на местото на продажба.
– Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот „загадувачот плаќа“, се наведува во соопштението.
Производителите на пластични кеси, се додава, и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост.
ОД МЖСПП напоменуваат дека стандардите за биоразградливост беа воведени уште во претходниот Закон, а пропишани во 2013 година. Новиот правилник за стандардите за биоразградливост е донесен и се очекува неговото објавување во наредниот број на Службен весник на Република Северна Македонија. До неговото стапување во сила важи постојниот Правилник, стои во соопштението од МЖСПП

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.