Општините должат милиони евра, но не штедат кога се во прашање службените возила. Така било и во последниве две години. Oд сите државни институции и функционери кои набавиле возила во тој период токму двајца градоначалници ги платиле најскапите автомобили.
Тие испливаа на врвот на листата од 44 институции на локално и на централно ниво, кои зеле на лизинг или купиле нови патнички автомобили. Вкупно, сите заедно потрошиле повеќе од осум и пол милиони евра во последниве 24 месеци.
Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Тоа е спроведено врз основа на податоците од електронскиот систем за јавни набавки и директно од државните институции и во него се опфатени само патничките автомобили, а не и товарните и возилата од технички карактер.
Најскапите возила кои ги набавиле институциите чинеле 55 илјади евра. Меѓу првите четири кои земале на лизинг автомобили со таква сума се општините Шуто Оризари и Битола, чии градоначалници Курто Дудуш и Тони Коњановски одлучиле да земат „шкода суперб” од скопската фирма Порше. Иста цена платиле и Државна видеолотарија и Комуналец Кавадарци.
Но, не се само овие општини кои потрошиле за службени возила. Во последниве две години договори за купување или за лизинг, но за помали суми склучиле и Берово, Ранковце, Арачиново, Старо Нагоричане, Карпош, Маврово и Ростуше, Чашка и Пробиштип.
Со години градоначалниците одлучуваат, дури и во случаи на блокирани сметки да набавуваат скапи возила. Најсликовит беше примерот со општина Струга, чиј градоначалник Рамиз Мерко, пред шест години реши за 67.000 евра да набави „ауди“. Тогаш тој се подбиваше дека можеби требал да купи уште поскапо возило, бидејќи немало да се вози во „фиќо“.
Години подоцна, во 2023 година, беше покренато обвинение за злоупотреба при набавката на возилото и во тек е судски процес.
Разликите во однесувањето на македонските градоначалници и нивните европски колеги најдобро ги долови неодамнешната изјавата на Трејк Секерис, градоначалникот на општина во белгискиот град Антверпен, кој на новинарската забелешка дека во Македонија градоначалниците имаат службени возила и шофери, низ смеа одговори: „Морам да се преселам кај вас“.
Тој во интервју за телевизијата 21 рече и дека тоа е одамна напуштена пракса во Белгија и во Холандија. И таму градоначалниците имале службени возила до 1970-1980 години на минатиот век. Сега службени автомобили имаат само првите луѓе на најголемите општини, додека останатите своите обврски ги завршуваат со велосипед.
Кој друг се вози во „шкодите суперб“?
Од 2012 година се воведе праксата да се изнајмуваат возила за високите функционери и да се враќаат по три години, во нивно име тоа го прави Службата за општи и заеднички работи на владата.
Последниот договор за лизинг е склучен лани во февруари и со него се набавени 45 возила од повисоката класа. За нив се платени околу два милиона и 300 илјади евра, а просечната цена што е платена е пониска од градоначалничките автомобили, односно изнесува 50.437 евра.
Од тие возила по една „шкода суперб“ им е доделена и на актуелната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова , на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на генералниот секретар на владата, Игор Јанушев и неговиот заменик, шефот на кабинетот на премиерот Владимир Неловски и на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
Собранието, пак, има добиено три возила, едно за претседателот Африм Гаши, а другите две за неговата придружба. Најмногу „шкоди“ добила владата, вкупно пет, од кои една е за премиерот Христијан Мицкоски, две за неговата придружба и две за владиниот протокол.
Три од возилата користи Службата за општи и заеднички работи за „опслужување на странски делегации министерства“.
Според одговорите што ги добиле од Центарот за граѓански комуникации, на вицепремиерите и на владините министри на располагање им се 22 автомобили.
Вакви лимузини има и за тројцата поранешни претседатели, Бранко Црвенковски, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски и за сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилмa.
Автомобили наменети за највисокиот државен врв користат и двајца поранешни премиери, Талат Џафери и Димитар Ковачевски.
Вообичаено цената за изнајмување е иста како и да се купи возилото, но досегашните оправдувањата од владините функционери беа дека со лизингот се избегнуваат трошоците за регистрација, осигурување, поправки и други давачки.
Инаку, меѓу институциите што земале најмногу возила се Електрани на Северна Македонија, односно 82 возила за вкупна вредност од 2,2 милиони евра, додека пак Министерството за внатрешни работи набавило вкупно 28 возила за 900 илјади евра. Над половина милион евра за нови возила потрошиле и Агенцијата за национална безбедност, за набавени 23 возила, и Водостопанство, за набавени 15 возила.
Извор: Призма
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.