Орбан Тврди: Ако Дозволиме Испорака На Оружје Преку Наша Територија Ќе Станеме Воена Цел

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека парламентарните избори закажани за недела претставуваат егзистенцијална пресвртница и избор меѓу војна и мир.

Орбан, кој сака да освои четврти последователен мандат како премиер, ја водеше кампањата врз основа на ветувањата дека, доколку биде реизбран, ќе ги заштити мирот и безбедноста на земјата и ќе го одржи увозот на руска енергија за време на војната во соседна Украина.

„Ова не е наша војна, ние мора да се држиме настрана од неа. Можеме да останеме настрана ако не испратиме војници или оружје и не дозволиме испорака на оружје преку наша територија, бидејќи тогаш ќе станеме воена цел“, рече Орбан на предизборен митинг во централна Унгарија.

Земјата одби да и испорача оружје на Украина и го забрани нивниот транзит преку унгарско-украинската граница, проценувајќи дека тоа ќе ја вовлече во конфликт. Иако Орбан ја осуди руската инвазија на Украина, тој се погрижи да не спомене дека за конфликтот е одговорен рускиот претседател Владимир Путин, со кого има блиски односи откако дојде на власт во Унгарија во 2010 година.

Орбан на денешниот митинг рече дека опозициската коалиција „склучила таен пакт со украинската влада“ и дека неговите политички противници ќе го прекинат снабдувањето со руски гас и руска нафта, што коалицијата го негираше.

Здружената опозиција во Унгарија ја сочинуваат шест партии чиј заеднички кандидат за премиер е Петер Марки-Заи, кој не припаѓа на ниту една партија. Опозициските партии, кои порано водеа кампања за ставање крај на, како што ја нарекуваат, широко распространетата корупција и демократските неуспеси за време на Орбан, сега побараа од гласачите да го казнат автократскиот премиер за неговите блиски врски со Путин.

Опозицијата ги оцени изборите како референдум за тоа дали Унгарија ќе ѝ припадне на заедницата на западните демократии или ќе се врати во своето историско минато како репресивна автократија во која доминираат Русите.

Според анкетите, партијата на Орбан, Фидес води, но таа предност во однос на опозицијата е мала. Премиерот во заминување досега не се соочил со ваква неизвесност, оценуваат аналитичарите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.