Османи му на Мицкоски: „Ние Албанците не сме гости туку домаќини!“

Поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, преку социјалните мрежи реагираше на денешните обвинувања од премиерот Христијан Мицкоски. Мицкоски го обвини Османи дека со поддршката на францускиот предлог наводно му нанесол „нож во грбот“ на македонскиот идентитет, што, како што рече, нема да му биде заборавено.

Во својот одговор, Османи го критикуваше премиерот за поткопување на внатрешната стабилност на земјата и промовирање на омраза и меѓуетничка нетолеранција, наместо да работи на зајакнување на единството и соживотот меѓу народите. Тој призна дека имаат различни политички ставови и дека не се согласуваат околу европскиот пат, но потенцира дека Мицкоски ја преминал границата на политичка пристојност со навреди и обвинувања.

Особено ги критикуваше неговите алузии со религиозни симболи, кои според него дополнително ја разгоруваат меѓуетничката и религиската нетолеранција во земјата. Османи посочи дека, додека Мицкоски се заканува и навредува, македонскиот јазик веќе е заштитен во преговарачката рамка со ЕУ, додека тој пак дома, со поддршка од некои институции, го понижува албанскиот јазик и граѓани.

Поранешниот министер потсети дека Албанците во Северна Македонија не се гости туку дел од домаќините, кои сакаат да ја градат својата иднина во оваа земја и не планираат да заминат од неа. Оваа реакција на Османи следи по остриот напад на Мицкоски, што дополнително ја засилува напнатоста во политичката сцена околу францускиот предлог и европската иднина на земјата.

Целосната реакција на Османи во продолжение:

Реакција на скандалозната изјава на Мицкоски

Како никогаш досега, имаме Премиер кој наместо да работи на зајакнување на внатрешната цврстина на земјата, упорно ги поткопува сите основи на кои се темели нашата внатрешна стабилност.

Премиер кој наместо да го негува внатрешниот соживот, и да се грижи за меѓуетничката кохезија, свесно и доста упорно инвестира во промоција на омразата и меѓусебната нетолеранција.

Прифаќам дека сме политички противници и дека концепциите за начинот на кој сметаме дека треба да се развива државата ни се различни.

Ќе прифатам и дека не можеме да се усогласиме за „ гаранциите“ за продолжување на европскиот пат, за кои еве само искрено ќе кажам не му оди добро никаде.

Но Премиере, вие ја преминувате основната линијата на политичка пристојност кога за тоа нема никаква потреба.

Влечете за уши, делите жолти картони, навредувате, понижувате…, и сега последно – клетите?

Користиш алузии на христовата жртва (закова шајки во раце и нозе) за над етничката да ја разгориш и религиската нетолеранција.

Занесен и јавнат над популистичкиот тигар, не ни знаеш каква штета околу себе нанесуваш, штета над заедничкото ткиво, за кое нели, требаше да направиме обид за да создадеме и над-национален консензус, да ја зајакнеме нашата позиција и внатре и надвор.

Колнеш и клетиш во некаква замислена одбрана на македонскиот јазик, кој пред тебе е заштитен и потврден од 27 земји членки на Унијата директно во Преговарачката рамка; притоа дома, со со сета сила (и со непристојна партиска поддршка од Уставниот суд), правиш сѐ да го понижиш албанскиот јазик и албанскиот граѓанин.

Можеш да вреѓаш, да се закануваш, да фрлаш клетви и анатеми, да колнеш но Христијан, имаш еден клучен пропуст во твоето поимање на реалноста.

Ние Албанците не сме гости во оваа земја туку домаќини.

Ова е наш дом, овде сакаме да ја предвидиме нашата иднина и иднината на нашите деца и не сакаме да си одиме од овде.

Пронајдете не на следниве мрежи: